Неодамна фудбалерот Синиша Михајловиќ објави: “Ја почитувам болеста, не и се плашам и ќе ја гледам во очи додека се борам со неа”. Тој ќе мора да ја напушти Болоња за да ја започне борбата за живот и смрт. Тој свика вонредна конференција и пред целата јавност соопшти дека боледува од леукемија, малигнитет на крвните клетки и коскената срцевина.

“Сакав прво на играчите да им соопштам, но италијанските медиуми ме предухитрија и ме изнервираа. Имам леукемија. Ја лажев сопругата и и’ кажав дека имам грозница. Два дена плачев! Не затоа што се плашам, ја почитувам болеста, но ќе се борам гледајќи ја во очи” – изјави Синиша на конференцијата, додавајќи дека има акутна леукемија во агресивна форма.

“Потребно е некое време за да се излекува, но сигурно ќе победам и во овој предизвик.”

Оваа болест потекнува од белите крвни зрнца, леукоцитите, но може да произлезе и од другите крвни клетки.

Медицината не знае со сигурност која е етиологијата на оваа болест, а се претпоставува дека до нејзина појава доаѓа поради комбинација од генетски и надворешни фактори.

СИМПТОМИ НА ЛЕУКЕМИЈА

Симптомите обично вклучуваат анемија, која ја карактеризираат слабост, брзо заморување, немоќ, бледа кожа и срцеви тегоби, потоа мали точкести крвавења по кожата и слузокожата и чести инфекции проследени со температура, бидејќи бројот на здравите леукоцити е значително намален.

Покрај ова, постојат и не толку чести, но индикативни симптоми:

-краток здив

-чести и спонтани модринки, по целото тело и без физички повреди.

-необјаснети крвавења

-отечени и зголемени непца

-чувство на постојана подуеност на стомакот

-неугодност и болка во левиот дел од стомакот

-ноќно потење

-впечатливо бледило на лицето

-болки во коските

-отечени лимфни жлезди.