Потребни состојки:

2 компири

½ шолја сечкана димена панцета/сланина

1 главица кромид

1-2 чешниња лук

75-100 г путер

1 лажица мајчина душичка

1 гранче рузмарин

2 лажици сечкан магдонос

2 лажички мелен црвен пипер

по желба може и прстофат мелен ким

Постапка:

За овој рецепт е добро да се користи компир кој бил сварен еден ден претходно, иако не е строго правило, па слободно можете да го сварите, изладите и приготвите истиот ден. Она што е најважно: користете цврст компир а не од оние брашнасти сорти кои имаат зрнеста текстура и се распаѓаат. Значи, барајте “восочен” компир.

Можете да го приготвите на два начини: најпрво компирот сварете го до половина, па потоа пржете го или директно пржете го без варење. Лично, препорачувам малку да се подвари, но да не се распаѓа.

За да биде уште повкусно јадењето користете путер. Можее да користете и половина путер, половина масло или само масло, но мислам дека е највкусно кога се користи само путер.

Значи да почнеме:

1.Компирот сварете го со лушпа околу 20 минути. Оставете да излади, а потоа излупете го и исечете го покрупно, на тркалца. Исечениот компир ставете го во фрижидер, убаво да излади.

2.Кромидот и сланината ситно исечкајте ги. Ставете путер во пошироко тавче да се загрее и растопи. Додадете кромид, сланина, и цело гранче рузмарин. Пржете околу 7-10 минути додека сланината да стане крцкава а кромидот да потемне и да се карамелизира. Во последната минута од пржењето додадете лукче. На крај извадете го гранчето рузмарин и процедете ја содржината, а маснотијата вратете ја во тавчето и загрејте ја да биде врела.

3.Сега додадете го компирот. Компирот не го нафрлајте само како ќе ви дојде едно парче врз друго, туку ако е потребно редете ги едно по едно, така што секое парче ќе биде во допир со маснотијата и дното на тавчето. Потребно е убаво и еднакво да се пропржат за да бидат крцкави.

Пржете ги додека компирот да добие златна боја, а потоа свртете и пропржете и на другата страна.

Додадете го пропржениот кромид, сланината, црвен пипер, мајчина душичка, ким и магдонос, внимателно промешајте и уште малку пропржете за да се спојат вкусовите.

Вкусот е величествен!