На интернет наидов на многу интересен рецепт со тиквички, а истиот овојпат го применив со компири и малку го изменив. Тиквичките многу брзо се готват, а на компирите им е потребно малку повеќе време. Ова јадење е толку многуѕ вкусно, што следниот пат ќе го приготвам во двојна количина.




Ова е едно оригинално јадење за кое треба да вложите малку труд (не е од оние измати сè, излеј и испечи), но затоа резултатот што ќе го добиете навистина вреди, а особено доколку сакате да оставите впечаток пред гостите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2-3 поголеми компири, 400 г мелено месо, половина главица кромид, малку зелени зачински билки по вкус (магдонос, оригано, босилек, копар…), 3 чешниња лук, 1 јајце, сол и црн пипер по вкус. ЗА ПОХУВАЊЕ: 2-3 јајца, малку црвен и црн пипер, брашно. ЗА СОС: 2 главици кромид, 2 чешниња лук, 100 г доматно пире, 300 мл вода, по 1 лажичка сол и шеќер, зачини по вкус




ПОСТАПКА: Одберете поголеми и подебели компири кои ќе можете да ги сечете на кругови. Измијте ги добро со ладна вода и излупете ги. Потоа сечете ги на кругови, а потоа секој круг засечете го на средината, така да добиете еден вид на „школка“, односно, да можете внатре да го полните со фил.




Вака сечените кругови од компир со „џебови“ ставајте ги во поголем сад со адна вода, а кога ќе завршите со сечењето на сите компири, истурете ја таа вода, исплакнете ги и наполнете нова, ладна вода. Во меѓувреме пригответе го филот:




ЗА ФИЛ: Во меленото месо ставете едно јајце, зачинете со сол, црн пипер и некои зачински билки кои вообичаено ги користете, додајте мелен или ситно сечкан кромид и лук, па добро измесете ја содржината додека да стане компактна.




Во посебни садови пригответе ги потребните состојки за похување: во една чинија изматете ги јајцата со виљушка, додајте зачини, а потоа додајте и малку брашно, колку малку да се згуснат јајцата, а во друга посебна чинија ставете брашно.




Започнете со полнење на компирите, односно секоја „школка“ полнете ја приготвената мешавина од мелено месо. Вака приготвените компири најпрво потопувајте ги во брашното, а потоа и во јајцата, па пржете ги во умерено загреано масло додека да заруменат од двете страни.




Пржените похувани полнети компири редете ги во некоја тава/плех. За сос: ситно исечкајте го кромидот и лукот, па пропжете го во малку масло додека да омекне. Додајте ги сите зачини, доматното пире и водата, па промешајте додека да се изедначи.




Оставете да зоврие уште еден „клуч“, па со оваа смеса прелијте ги компирите. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час до 40 минути, односно додека да испари виокот вода и да остане малку сос. Послужете со свежа салата.