Тиквичките се вкусни и здрави за јадење, а од нив се приготвуваат најубавите летни јадења. Во комбинација од неколку состојки можете да го добиете најубавиот намаз кој совршено одговара со брускети или леб, а брзо и лесно се приготвува. Ќе ви претставиме два рецепти, првиот со пржени тиквички, а вториот со сирови.




РЕЦЕПТ 1 – НАМАЗ ОД ПРЖЕНИ ТИКВИЧКИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 тиквичка, малку маслиново масло, сол и црн пипер по вкус, 1 чешне лукче (може и повеќе), 75 г топено сирење („зденка“ пакувана во триаголници, или по избор), дополнителни зачини по вкус




ПОСТАПКА: Тиквичките исечкајте ги на ситни коцкички (со средна големина), па пропжете ги умарено загреано маслиново масло, додека да зарумени и омекне. Зачинете со сол и црн пипер во прав, додајте рендано лукче и зачински билки по вкус.




Пржените тиквички тргнете ги настрана и оставете ги малку да се подизладат. Потоа додајте го топеното сирење и со помош на рачен блендер (оној за правење мајонез или пире) добро измиксајте додека да добиете изедначена, кремаста смеса. Нешто слично се приготвува и вториот рецепт, но многу побрзо:




РЕЦЕПТ 2 – НАМАЗ ОД рендани ТИКВИЧКИ со крем сирење – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 чаши рендана тиквичка (или една поголема), 2 чешниња лук (може и повеќе, по вкус), 2 супени лажици маслиново масло, 2 супени лажици лимонов сок, половина китка ситно сечкан копар/мирудија (или магдонос, по вкус), 250 г крем сирење омекнато, сол и црн пипер по вкус




ПОСТАПКА: Во блендер ставете го крем сирењето исечкано на коцки и претходно омекнато, па додајте ги изренданите тиквички кои претходно отстојале половина час врз цедалка и сте ги истискале од вишокот сок.




Потоа додајте го ситно исечкананата свежа зелена зачинска билка (мирудија/магдонос или др.), ренданите лукчиња (или истиснати низ преса), маслиновото масло, свежо исцедениот лимонов сок, па посолете и запиперете по вкус.




Миксајте неколку минути додека да добиете фина, изедначена и кремаста структура. Вашиот намаз е готов, послужете го со секакво јадење, леб, брускети, сечкан зеленчук и слично. Чувајте го во фрижидер, добро затворено во стаклена тегла.