Прсти да излижеш: похуван модар патлиџан кој се топи во уста

Похуван модар патлиџан на два начини:

Една посебна состојка му дава уште подобар вкус.

Потребни состојки:

1 среден модар патлиџан

3 јајца

150 г брашно

100 г презли

150 г инстант пире (изборно, не мора)

Сол, масло

Постапка:

Модриот патлиџан измијте го, не треба да го лупите, исечете го на тенки ленти, посолете и оставете да отстои околу 20 минути. Исцедете го од водата што ќе ја пушти.

Изматете јајца, малку посолете, презлата и инстант пирето измешајте ги.

Секое парче извалкајте го во брашно, јајце и мешавина од презли.

За пржење во тава потребно ви е околу 500 мл масло бидејќи треба да пржи во длабоко масло.

Загрејте и намалете ја температурата, па спуштајте ги парчињата, пржете од двете страни додека да порумени.

Вадете на хартиени салветки да се исцеди вишокот маснотија.

За оние што одбегнуваат пржено, може да ги приготвите во рерна, каде има помалку работа:

Само наредете ги врз хартија за печење, малку попрскајте со масло и печете во загреана рерна на 220 степени. Во текот на печењето секое парче превртете го и од другата страна за еднакво да се испече.

Потребно е најмногу околу 20-25 минути.

Послужете со салата, компир салата, ориз или едноставно направете одлична маринада со лукче. Уживајте во секој залак.

 

Loading...