Фото и рецепт: Андреа А.М.Стојадиновиќ – принцес крофни.

Потребни состојки:

100 мл масло
200 мл вода
6 лажици остро брашно
3 јајца

за фил:

500 мл млеко
2 пудинг од ванила
5 лажици шеќер или по вкус
125 г маргарин/путер
50 г шеќер во прав
и една кесичка шлаг

за декорација:

шеќер во прав или
нутела или
или растопено чоколадо

Постапка:

Во тенџере на оган ставете 100 мл масло помешано со 200 мл вода. Кога ќе зоврие во смесата додадете 6 лажици остро брашно, па убаво промешајте и соединете во тесто.

Оставете го на страна целосно да се олади, а потоа во смесата додадете 3 јајца, едно по едно матејќи со миксерот приближно по една минута или додека убаво да се впие секое јајце во тестото.

Наполнете го шприцот со смесата, па правете мали крофнички во плех обложен со хартија, на определено растојание, зошто при печењето ќе пораснат. Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 30 минути и притоа не смее да се отвора вратата од рерната (за да не спласнат).

За фил: Во малку млеко растворете го прашокот од пудингот, а остатокот со шеќерот ставете го на оган. Кога ќе зоврие млекото намалете ја температурата, па во него постепено додадете го растворениот пудинг и постојано мешајте додека да се зусне.

Оставете го пудингот на страна додека целосно да се олади. На страна пенасто изматете го омекнатиот путер на собна температура заедно со шеќерот во прав.

Додека матите постепено, лажица по лажица додавајте го изладениот пудинг додека целосно да се соединат во нежен крем. На страна изматете еден шлаг според упатството.

Печените и изладени крофнички пресете ги на половина, ставете малку од филот, па шлаг, затворете ги и одозгора декорирајте ги со топено чоколадо или шеќер во прав…

Фото и рецепт: Андреа А.М.Стојадиновиќ