Фотографија и рецепт на Емилија Бечиќ – Витаминска смеса за имунитет.

Ова е витаминска бомба за имунитет, го користат и луѓе кои поради тешки болести и хемотерапија им е ослабен организмот, за опоравување и јакнење на организмот.

Рецептот е многу стар, уште од времето кога многу тешко можеа да се најдат некои од состојките, но денес е полесно, бидејќи намирниците се лесно достапни и може да се купат во речиси секоја подобро снабдена продавница за здрава храна или супермаркет.

Рецептот многу лесно се запамтува, бидејќи сè оди по 100 грамови. Веројатно не е проблем доколку некоја од состојките ја изоставите доколку сте алергични или не сте ја пронашле, главно сите тие се многу здрави и корисни за организмот. Ова е оригиналниот рецепт:

Потребни состојки: 100 г индиски орев, 100 г бразилски орев, 100 г бадем, 100 г семе од тиква, 100 г ленено семе, 100 г суви сливи, 100 г суви смокви, 100 г аронија сува, 100 г суви кајсии, 100 г суво грозје, 100 г поленов прав, 100 г гоџи бобинки, 10 мл прополис капки, 2 лимони со кора и 1 кг мед

Постапка: Лимоните е најдобро да бидат органски и непрскани, но доколку не можете да најдете такви, оние што ќе ги купите добро исперете ги ладна вода, истријте ги со сода бикарбона или оставете ги половина час во раствор со сода или оцет, па добро исплакнете ги.

Медот купете го од проверен пчелар, потребно е да биде природен и квалитетн, зошто само тој мед е лековит. Внимавајте при изборот, бидејќи денес честопати се продава шеќерен сируп со разни ароми и додатоци за да наликува на мед.

Истото важи и за сувото овошје, се препорачува да биде сертифицирано, на не се користени адитиви, бои и други хемикалии при постапката на сушење. Јаткастите плодови треба да мирисаат на свежина и да се крцкави, а никако на “застојано”, бидејќи ако се со поминат рок или несоодветно чувани, тогаш повеќе се штетни отколку корисни.

Сите состојки сомелете ги во машина за мелење месо, сечко или блендер, а при мелењето најдобро е наизменично да се комбинираат јатките и сувото овошје за да не се лепи.

Кога сите состојки ќе ги сомелете и добро промешајте, изедначената смеса прелијте ја со 1 кг течен мед, па уште еднаш промешајте за да се соедини. Складирајте во стаклени теглички и чувајте во фрижидер. Се консумира по 1 лажица наутро. Одлично е за имунитет, за коски и енергија.

Фотографија и рецепт на Емилија Бечиќ.