Фото и рецепт: Џенита Џ.

Да бидеш во Шпанија и да не знаеш да направиш тортиља е исто како да си од Македонија а да не знаеш да направиш тавче-гравче. Тортиљата од компир е шпански специјалитет. Може да се јаде за појадок, за вечера, за ужина, како „ланч пакет“, за гости… единствено што е потребно за да излезе добра тортиљата е добра тава (од 20 до 24 см) во која не се лепат јајцата, не поголема, бидејќи тортиљата треба да има своја висина, а кога е помала полесно се превртува.

Потребни состојки:

1 голема главица кромид
600 г компир +-
4-5 јајца
Сол, масло за пржење

Потребен прибор:

-2 тави: една поголема, обична тава или шерпа за пржење на компири и втора тефлонска, односно нелеплива со дијаметар од 22 или 24 см.

Постапка:

1.Излупете ги кромидот и компирот.
2.Компирот исечкајте го на тркалца, како за мусака и ставете го во голема тава или шерпа да се пржи, на три-четири лажици масло.
3.Кромидот исечкајтѕе го ситно па додадете го на компирот. Во текот на пржењето додавајте по малку (1/2 шолја) вода, бидејќи оваа смеса всушност треба добро да издинста.
4.Во меѓувреме додека компирот е на оган со кромидот, треба да се промешува одвраме-навреме, но да се внимава смесата да не се претвори во пире.
5.Пробајте и кога е готов компирот тргнете од оган.
6.Во поголем сад изматете 4-5 јајца.
7.Соединете го пржениот компир со јајцата и промешајте. Посолете и пробајте дали е доволно солено.

8.Смесата истурете ја во загреана и намастена тава и пржете, не претерано на силен оган бидејќи е потребно јајцата да се згуснуваат малку по малку, а истовремено да не загорат.
9.Кога ќе почувствувате дека е доволно печено од едната страна (подигнете со силиконската шпатула да видите), потребно е тортиљата да ја свртете. Не е тешко, едноставно е:

10.Тавата покријте ја со чинија поголема од самата тава. Превртувањето се одвива истовремено и на тавата и на чинијата. На тој начин тортиљата ни останува во десна рака на чинијата, готова само од едната страна. И тогаш ја враќаме во тавата да продолжи да се пржи така што оставаме да „излизга“ од чинијата. И тоа е тоа!

11.Оставете да се пржи. Кога ќе осетиме дека е готова, ја вадиме на ист начин со чинијата: ја поклопуваме тавата со чинија и исто како и претходно, ја превртуваме тортиљата да остане на чинијата.
12.Пресечете и видите дали е печено и во средина. Ако случајно сте ја извадиле прерано, вратете ја на ист начин и допечете ја на тивок оган, само уште неколку минути.