Заедно со честитките за среќна Нова година, од клиниката на Жан Митрев ни стигнаа и многу корисни совети за тоа како да ја комбинираме храната од празничните трпези, за да се заштитиме од вишок килограми, неугодност, чувство на тежина и отоци.

Овие едноставни совети се практични и ќе му помогнат секому кој сака да се грижи за своето здравје, а не може да одолее на богатата трпеза.

Новогодишните празници се исполнети со многу храна, пијалок и весела атмосфера која ги поместува границите за здрав и балансиран животен стил.

Се разбира дека сите ги обожуваме овие денови, па затоа предлагаме неколку здрави совети во комбинација со многу забава и добри семејни моменти.

Комбинациите со храна се најважни 

Многу често храната за новогодишните празници е направена со повеќе сол, зачини и маснотии кои ја отежнуваат работата на нашиот организам и лесно доведуваат до надуеност, отоци и нелагодност. Ограничете го внесот на храна, комбинирајте млечни производи со салата или месо со салата но одбегнете го лебот и пржените специјалитети кои ќе ја намалат вашата енергија во овие прекрасни денови.

Не – за прејадувањето 

Да одбереме помали порции со лесна храна и повеќе зеленчук. При сервирање на храна не ги преполнувајте чиниите и јадете ја храната бавно, со цел желудникот да има време да даде сигнал до мозокот дека се чуствуваме сито и немаме потреба од повеќе храна.

Следното утро ќе се чуствувате лесно и подготвено за следните дружења.

Контрола на напитоците 

Здравиците за убави желби во следната година се нормални моменти од заедничките прослави кои некогаш може да завршат и со екстра празни калории од алкохолот.

Како би ги одбележале овие моменти внесете лесни напитоци, минерална вода, чаша вино но одбегнете ги мешавините кои само ќе ви дадат килограм повеќе после празниците.

Здравата храна може да биде дел од сечија трпеза

Подгответе интересен и нов рецепт кој ќе биде со помалку шеќер или овој пат згответе го  омиленото месо со динстање. Направете повеќе салати, а како гарнир испечете зеленчук со малку сос од бадем. Малите промени во трпезата водат кон големи промени во новата година а со тоа го негуваме телото за да постигнеме добро здравје и баланс.