Пробајте го мојот прелиен бурек.

Потребни состојки: 500 г кори за пита (околу 10 листови). За фил: 500 г мелено месо, 2 главици кромид, 1 рака магдонос, сол, црн пипер по вкус и 100 мл масло. За прелив: 200 мл јогурт, 200 мл газирана вода, 4 јајца и малку сол

Постапка: Пропржете го ситно исечканиот кромид. Додадете месо, посололете го и запиперете го по вкус. Пропржете го убаво на посилен оган околу 10-15 минути со повремено мешање.

Наросете ситно сечкан магдонос. Во намастен плех ставете две кори, па наросете од филот. Филот може да биде и врел, не мора да чекате да излади. Потрошете го целиот материјал, па питата исечете ја на коцки.

Прелијте ја одозгора со претходно изматени јајца, јогурт и газирана вода. Оставете околу 15 минути преливот да се впие во питата. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Кога е реш печено, повторно исечете ја питата и послужете ја топло.