Рецепт и видео презентација на “Кристална Кујна” – Направете го ова сирење во само неколку чекори. Повеќе не мора да купувате, бидејќи на лесен и едноставен начин можете да да си направите домашно, квалитетно сирење. Потребно ви е свежо млеко, уште подобро ако и тоа е домашно.

“Поздрав драги пријатели, се надевам дека сте добро и здраво! Пред неколку месеци кога го објавив мојот рецепт за правење на сирење, а кој го користев години наназад, вие во коментари ми го напишавте вашиот рецепт, на кој начин вие го приготвувате сирењето.

Бев љубопитна и зедов да го испробам вашиот рецепт и да бидам искрена, многу сум пријатно изненадена. Сирењето е ОДЛИЧНО и не погрешив што го направив, ви благодарам! Многу е вкусен и брзо се изеде, во рок од еден ден, па можете да си замислите колку е добар.

Ви благодарам за поддршката и затоа го споделувам вашиот рецепт, а доколку имате уште некој совет или друг начин на приготвување, слободно споделете го во коментарите. Веројатно многумина од вас веќе го правеле според веќе пишаниот рецепт, па истиот ќе ви послужи како потсетување.”

Потребни состојки: малку вода, околу 100-150 мл, 5 литри свежо млеко со масленост од 3,2%, 10 г лимонтус (една кесичка) и сол по вкус.

Постапка: На дното од тенџерето ставете малку вода колку да се покрие и навлажни целата површина. Ова се прави за да не загори млекото. Потоа истурете го целото млеко во тенџерето и ставете го на оган да се вари (од 9 на ринглата, ставете на 7 или 8 степен).

Тенџерето поклопете го со капак. Кога млекото малку ќе се загрее додадете сол по желба, приближно една или две кафени лажички, промешајте го добро со дрвена лажица и повторно поклопете го со капакот. Повремено проверувајте го и промешувајте го за да не ви загори.

Кога ќе започне да врие, односно кога ќе се формира дебел слој пена, не дозволувајте да ви претече, туку веднаш во млекото додадете една кесичка лимонтус, а огнот и натаму нека остане на седмица. Внимателно промешајте со лажицата з ада се растопи лимонтусот.

Мешајте непрекинато, па по некоја минута ќе забележите дека од млекото ќе започне да се одвојува густ дел и проѕирен дел, односно сурутката. За ова, веројатно нема да ви биде потребно подолго од една минута, а млекото веднаш ќе започне да се засирува.

Продолжете со мешањето додека убаво да се засири смесата, вкупно приближно две минути. Потоа исклучете го огнот, но оставете го тенџерето и натаму да стои на топлата рингла. Од овој момент повеќе не ви е потребна дрвената шпатула за мешање, туку земете една длабока кутлача.

Засиреното млеко промешајте го со кутлачата и оставете го кратко време да отстои врз ринглата, па тргнете го на страна и оставете го уште 5-10 минути да одмори. Подгответе сито и еден длабок чист сад во кој ќе ја процедите сурутката.

Зафаќајте од засиреното млеко  и ставајте во ситото (ако немате сито, тогаш ова правете го преку густа газа. Оваа количина е доволна за само едно сито од кое ќе излезе една пита сирење. Кога ќе се намали количината во тенџерето, подигнете го, па истурете ја преостанатата содржина.

Со дрвената шпатула малку притискајте врз сирењето за да се исцеди што повеќе сурутка. Ова притискање мора да се направи додека сурутката е топла, значи истискајте колку можете повеќе, да остане само сувиот дел.

Потоа ставете една чинија одозгора и добро притинете. Целата сурутка која ќе ја исцедите складирајте ја во шишиња и чувајте ја во фрижидер. Може да ја пиете наместо млеко, бидејќи ги содржи сите хранливи материи и многу е здрава.

А еден дел од сурутката ќе ни биде потребен за подоцна, за да го чуваме сирењето во неа. Вака приготвеното сирење потиснато со чинија одозгора, оставете го на собна температура неколку часови, а најдобро преку цела ноќ, за убаво да се исцеди и стврдне.

Следниот ден можете веднаш да го послужите, превкусно е. Ако го послужувате веднаш, можете да го посолите по вкус, а доколку го оставите подоцна, солта додадете ја во сурутката која ќе биде негово солило.

Солило и складирање на сирењето: исечете го сирењето на помали делови и ставете го во садот во кој ќе го чувате. Одозгора посолете го по вкус.

Одозгора прелијте ја сурутката, да биде сирењето целосно прелиено. Вака приготвеното сирење пклопете го и чувајте го во фрижидер, а можете веднаш да го користите. деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.