Рецепт и видео презентација на “Да Готвиме Лесно” – Кремаст и лесен колач за кој сите ќе ви побараат уште едно парче. Многу лесно и брзо се приготвува, а ќе уживате во секој залак. Можете да го приготвувате за секој ден, но и за некои специјални пригоди.

Потребни состојки: 2 јајца, 6 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 6 лажици брашно, 2 лажици густин, 600 мл млеко, 125 г путер или маргарин, 3 банани (вкупно 500-600 г), малку лимонов сок, 100 мл млако млеко за натопување на кексите, 160 г плазма – 21 кекс, 200 мл слатка павлака и малку ореви и сечкани чоколатца за декорација.

Постапка: Во подлабок сад изматете ги двете јајца со шест лажици шеќер и една кесичка ванилин шеќер. Матете со жица-маталка додека да се растопи малку шеќерот, а потоа додадете шест лажици брашно и две лажици густин. Ако имате сито, најдобро е да ги просеете.

Убаво изедначете ја смесата да нема грутчиња. Полека додавајте 600 мл млеко и загревајте на тивок оган со постојано мешање додека да се згусне како пудинг. Покријте го кремот со проѕирна фолија и оставете го целосно да се олади, а ако немате фолија повремено промешувајте го за да не фати коричка.

Изладениот крем пенасто изматете го со електричен миксер за да добие фина мазна структура. Во кремот додадете 125 г путер претходно омекнат на собна температура, па изматете го убаво да се соединат состојките. Матете со миксерот уште неколку минути.

Бананите излупете ги и премачкајте ги со малку лимонов сок за да не поцрнат. Калап со димензии 30х12 см (потесен, а подлабок, за леб и ролати) обложете го убаво со проѕирна фолија, па на дното народете 9 кекси претходно малку натопени во млакото млеко.

Врз нив рамномерно распоредете половина од изматениот фил (тоа е околу 8 супени лажици), па израмнете ја површината. Наредете ги бананите, по потреба пресечете ги за бидат во линија од едниот до другиот крај на калапот, па со кремот пополнете ги празнините и одозгора нанесете го остатокот.

Нанесете втор ред кекси, исто така, претходно малку натопени во млако млеко. Целиот колач и одозгора прекријте го со проѕирна фолија. Вака приготвениот колач оставете го да се стегне во фрижидер, најдобро преку цела ноќ. Изладениот колач превртете го врз тацна и отстранете ја фолијата.

На страна изматете 200 мл слатка павлака, па со шлагот декорирајте. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.