Рецепт и видео презентација на Ивана од “Шерпица” – Торта над тортите со ореви и чоколадо. Една од омилените и секогаш цела се изедува на родендените. Убаво се сече, а притоа е сочна и кремаста, а комбинацијата од ореви и чоколадо, се чини дека најдобро поминува. Одлична е и за обложување со фондан.

Потребни состојки за една кора (а, потребни се три кори): 5 белки, 8 лажици шеќер во прав, 2 лажици брашно, 5 лажици мелени ореви.

За фил: 15 жолчки, 1 литар млеко, 5 лажици шеќер, 9 лажици брашно, 250 г путер или маргарин за колачи, 200 г шеќер во прав, 200 г чоколадо, 200 г мелени ореви, 180 г шлаг крем од ванила, 1 шолја ладно млеко или газирана вода.

За украсување: може да се украси со изматен шлаг крем од чоколадо или изматена слатка павлака, па во неа додадете растопено чоколадо или слатко какао. Ако ја правите тортата за специјални пригоди, може да ја обложите со фондан и фигури.

Ако ја приготвувате за секој ден, можете едноставно да ја прелиете со чоколадна глазура или да ја испрскате целата и да ја наросите со мелени и сечкани ореви… Потребен ќе ви биде уште и калап или плех со димензии 30х20 см обложен со хартија, во кој ќе се печат корите.

Постапка: Откако ќе го обложите плехот со хартија за печење, веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Одвојте ги белките од жолчките во посебни садови. Белките пенасто изматете ги со електричен миксер, па постепено додадете го шеќерот и матете додека тој да се растопи.

Откако ќе добиете цврст и сјаен снег од белки, додадете во нив брашно и мелени ореви, па внимателно со лажица промешајте за да се изедначи смесата и состојките, но сепак таа да остане пенлива и воздушеста. Рамномерно распоредете ја во калапот и израмнете одозгора.

Ставете да се пече во претходно загреаната рерна на 200 степени околу 7 минути или сами проценете колку е потребно. Истата постапка повторете ја уште двапати, односно испечете вкупно три вакви исти кори.

За фил: Од млекото издвојте 200 мл на страна, а 800 мл ставете ги во тенџере на оган да се вари. Жолчките изматете ги со 5 лажици шеќер (во други рецепти пишува дека е потребно повеќе шеќер, но ќе видите дека токму оваа количина е доволно слатка, но ако сакате вие ставете и повеќе).

Откако ќе ги изматите жолчките со шеќерот, во нив додадете 9 лажици брашно и оние 200 мл млеко што ги тргнавте на страна. Добро промешајте за да се изедначи смесата и да нема грутчиња. Кога ќе зоврие млекото во тенџерето, намалете го огнот и додадете ја смесата со разматените жолчки.

Мешајте постојано и варете го кремот додека убаво да згусне. Тргнете го на страна и веднаш поделете го на два еднакви делови. Во едниот дел додадете чоколадо искршено на коцки и промешајте додека тоа се растопи и изедначи во еднолична смеса.

Во другиот дел од кремот додадете ги мелените ореви, па промешајте убаво за да се впијат и изедначат во топлата смеса. Оставете ги на страна двата фила да се оладат со повремено промешување, или пак, покријте ги со проѕирна фолија за да не фатат коричка.

Уште ви преостанува да изматите шлаг крем од ванила со млеко и да го започнете филувањето. Ова можете да го направите на специјална чинија за торти или пак во тепсија како мене: јас ја обложив со фолија, бидејќи подоцна тортата ја вадев на украсен картон за торти.

РЕДЕЊЕ: кора, црн фил, жолт фил, кора, па цел фил од ореви, кора, црн фил, жолт фил… Оставете ја тортата добро да се стегне во фрижидер, а пред украсување би било добро да ја ставите тортата еден час во замрзнувач.

СОВЕТ: Јас сите кори ги прскав со малку млеко за да бидат уште посочни. Пред секое ново матење за кора, измијте го садот за матење и маталките од миксерот, па добро исушете ги. Сите детали од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.