Меденото срце е од оние старински, миризливи и сочни колачи кои никого не оставаат рамнодушен. Се прави многу брзо, лесно и од евтини намирници кои секоја домаќинка ги има во својата кујна. Во нашата архива може да најдете многу рецепти за овој колач, со неколку разлики во состојките. Во продолжение може да го прочитате рецептот на Валентина Машковиќ која овој колач го претстави во посна верзија.




„Верувам дека на сите ви е познат овој рецепт за медено срце. Ова е за оние кои го заборавиле рецептот или не го знаат. Јас го правам на овој начин, се прави брзо, лесно и едноставно, готов е за неколку минути. Домашните многу ми го фалат“, вели Валентина.




Доколку ви се пријаде нешто набрзина, посно а вкусно, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас. Додека сварите кафе, тој веќе ќе се најде во вашата рерна. Одличен е за оние кои веќе го започнале велигденскиот пост, па сакаат со нешто вкусно да се засладат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл газирана вода, 125 мл масло, 200 г шеќер, 250 г брашно, 1 лажица џем, 3 лажици какао, 1 лажичка сода бикарбона, 1 кесичка цимет, 1 кесичка циметов шеќер (или ванилин). ЗА ФИЛОТ: 200 г џем по ваш избор. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 4 лажици масло.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад соединете ги сите состојки. Најпрво сипете 250 мл газирана вода, на собна температура, па додајте малку повеќе  од половина чаша масло. Додајте 1 чаша од 200 мл шеќер и сѐ добро измешајте со жица/маталка до соединување на состојките во течна и еднолична смеса.




Низ сито, просејте 250 г бело брашно, па додајте 3 лажици какао во прав и 1 полна лажичка сода бикарбона. Соединете ги сувите состојките во влажните. Пред крајот додајте 1 мала кесичка цимет и уште една кесичка циметов шеќер. Циметовиот шеќер може да го најдете во секој добро снабден супермаркет каде што стои прашокот за печиво и ванилиниот шеќер.




На крајот во соединатата смеса додајте 1 лажичка џем по ваш вкус (највкусно е доколку џемот е домашен) и повторно соединете. Вака подготвената смеса тргнете ја настрана, а вие подгответе си калап со димензии 25х25 см или малку поголем и намастете и набрашнете го, за да не ви лепи. Јас колачот го сакам малку подебел, затоа го правам во помал калап.




Излејте половина од смесата во калапот, израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 10-тина минути, колку колачот да фати коричка.  Во меѓувреме измешајте си два видови на џем, јас измешав џем од кајсија и џем од сливи, а може да користите и само еден џем за премачкување.




Кога првата половина од смесата ќе фати коричка, премачкајте со џемот во тенок или дебел слој, па одозгора прелијте со втората половина од смесата. Вратете го колачот во рерна да се допече на истата температура, уште 10-15 минути, со повремено проверување. По печењето, колачот се остава да се олади, под крпа.




ЗА ГЛАЗУРАТА: На пареа или во тенџере на рингла растопете 100 г чоколадо и 4 лажици масло, па излејте преку оладениот колач. Кога глазурата малку ќе се стегне, колачот може да го послужите со сечење на коцки. Ова е еден од најубавите домашни колачи кои можете да ги правите во секое време, бидејќи целата постапка одзема помалку од половина час. Деталите може да ги погледнете ОВДЕ.