Ова е една одлична идеја за ручек која ни ја претстави Бојана, па доколку се прашувавте што следно да приготвите, не пропуштајте го нејзиниот предлог. За сите оние кои постат можат да направат многу вкусни ќофтиња според рецепт 1, рецепт 2, и да добиете богат и многу хранлив ручек.

Јадењето излегува превкусно, децата го обожаваат и секогаш сето се изедува до последната трошка. Презентацијата на Бојана можете да ја погледнете подолу во текстот, а еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за ќофтиња: 500 г мелено месо, 3 чешниња лук, 1 мала лажичка сув зачин (вегета), сол и мелен црн пипер по вкус, 1 јајце, 1.5 супена лажица лебни трошки (презла). ЗА ОРИЗ (пилав): 1 главица кромид, 1 морков, 1 компир, 1 пиперка црвена или зелена, 200 г ориз, магдонос, црн пипер, сув зачин, сол, 500 мл пилешко булјон (или растворена коцка за супа)




ПОСТАПКА: сомелете 500 г мешано или само свинско месо (по избор), па додајте ситно сечкани/рендани чешниња лук или истиснати низ преса, па зачинете со една мала лажичка сув зеленчуков зачин (вегета), малку мелен црн пипер, една полна лажичка сув магдонос и една ипол лажица лебни трошки (презла).




Во месната мешавина скршете едно јајце, посолете и замесете со рака. Месете го најмалку 5 минути за да се соединат сите зачини. Колку подолго го месите, толку подобро ќе излезе. Потоа покријте го со кеса или фолија и оставете го да се стегне во фрижидер, најмалку 10 минути, а може и подолго, до употреба.




По изминатото време извадете ја оладената месна мешавина, дланките намастете ги со малку масло, па црпете со супена лажица и обликувајте ги ќофтињата. Од оваа смеса излегуваат 11 ќофтиња со средна големина.




За да не валкате тава, можете плехот (од рерна) да го ставите врз рингла, да сипете малку масло и тука да го испржите ситно сечканиот кромид. После 5 минути, кога кромидот ќе омекне и застакли, додајте ситно сечкан морков и компир (на коцкички).




Заедно кратко пропржете, па додајте една ситно сечкана пиперка (црвена или зелена). Потоа додајте 200 г испран ориз и промешајте колку да се потпржи и да ги впие соковите од зеленчукот, па додајте 500 мл врел пилешки булјон (или коцка супа растворена во вода).




Булјонот додавајте го постепено, за да има време оризот постепено да набубри. Зачинете со малку мелен црн пипер и половина лажичка сув зеленчуков зачин (или по вкус) и сув или свеж магдонос, промешајте, па кога оризот ќе ја впие течноста, повторно додајте малку булјон.




Постапката продолжете ја додека да се потрои сиот булјон. Ќофтињата малку сплескајте ги со дланките и валајте ги во брашно, а потоа пропржете ги во тава со умерено загреано масло, додека малку да заруменат од двете страни. Јас секогаш ги пржам под капак зашто поубаво и порамномерно се готват.

Испржените ќофтенца наредете ги врз оризот и оставете ги кратко заедно уште малку да се готват на рингла (5 минути), а за тоа време загрејте ја рерната на 180 степени, па ставете го јадењето да се потпече 30-тина минути или колку што е потребно додека сета течност да испари. Деатлите од презентацијата на Бојана погледнете ги ОВДЕ.