Рецептот за овие прекрасни сусамки ни го оретстави нашата драга членка Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. Посните сусамки освен што многу декоративно изгледаат, исто така се многу вкусни и одлични за време на пост кога сакате со нешто да се заблажите.

Потребни состојки: 300 г сусам, 300 г локум, желе коцки по желба и потреба

Постапка: Сусамот се запржува на сува тава додека да ги ослободи етеричните масла, да замириса убаво и малку да пожолти. Откако ќе го истостирате, во сусамот додајте 300 г локум. Замесете го добро додека да се соедини смесата и изедначат состојките.

Вака приготвената смеса рамномерно распоредете ја врз хартија или фолија и развлечете ја како кора со помош на оклагија, но одозгора поставете проѕирна фолија за да не се лепи. Во средината наредете коцки желе бонбони, една до друга, од почеток до крајот на кората.

Желе коцките може и ситно да ги исечкате, па да ги измешате заедно во смесата (ова по желба, кој како сака). Потоа, со помош на фолијата свиткајте го внимателно ролатот и нежно притиснете со рацете за да се обликува убаво. Оставете го фрижидер да се стегне, а потоа сечете го. / Фотографија и рецепт на Габриела Миленкоска

Еве уште еден рецепт од нашата драга Габриела Миленкоска: Сусамки без шеќер кои ќе ве вратат во детството – брза работа и за душата и за пречек на гости

Рецептот за сусамките кои ќе ве вратат во детството ни го претстави нашата членка, почитуваната Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. Овие сусамки се приготвуваат со мед, наместо со шеќер.

Од ризницата на нејзината кујна можете да ги проследите и рецептите за кокосов локум, кантарионово масло, торта од 4 состојки, гужвана пита, шербет татлии, пита со спанаќ и урда, како и прекрасните декорации. / Фотографија и рецепт на Габриела Миленкоска

Потребни состојки: 100 г сусам и 60 г мед

Постапка: двете состојки се ставаат на тивок оган. Суамот се пржи додека да зарумени. Потоа смесата веднаш додека е топла се излева врз хартија за печење. Се покрива одозгора со друг слој хартија, па со сукало се прави рамна, тенка кора. Веднаш се сечат штанглите со облик и големина по ваш избор.

БОНУС РЕЦЕПТ: Сусам коцки со мед и чоколадо

Потребни состојки: 200 г пeчен сусам, 180 г мед, 120 г чоколадо за готвење, 150 г маргарин, 200 г мелени посни бисквити и 100 г крупно сечкани ореви

Постапка: прво пропржете го сусамот во сува тава на тивок оган со константно мешање околу 5 минути. Треба да замириса и да добие златножолта боја, но бидете внимателни, бидејќи може лесно да загори ако не мешате постојано. Тргнете го сусамот од оган, па мешајте уште една минута додека малку да излади дното на тавата.

Бисквитите сомелете ги во сечко, а оревите крупно исечкајте ги со нож. Во еден поголем сад излејте го медот, чоколадото искршено на коцки и маргаринот, па загревајте на средна температура со постојано мешање додека да се растопат состојките и да се соединат.

Тргнете од оган, додајте ги мелените бисквити, сусамот и сечканите ореви, па добро промешајте. Ќе добиете смеса која на прв поглед нема да ви изгледа многу компактно, но така треба да биде. Земете помал плех 30х20 см и обложете го со хартија за печење.

Во него истресете ја смесата и со помош на лажица добро натапкајте за да се израмни. Кога целосно ќе се излади во фрижидер ќе се стегне добро и супер ќе се сече. Затоа, најдобро е да се остави неколку часа во фрижидер или уште подобро, преку цела ноќ. Потоа извадете го колачот заедно со хартијата и со голем остар нож исечете коцки со величина по ваша желба. / Фотографија и рецепт на Габриела Миленкоска