Овој посен рецепт толку многу ме воодушеви како со вкусот, така и со изгледот, што освен за време на постот, кај нас на трпеза може да се најде и во текот на целата година. Тестото се замесува со газирана вода и му се додава куркума за добие жолта боја, исто како да сте ставиле јајца.




Филот е многу сочен и вкусен и се приготвува од праз и шампињони печурки, а може и кромидо, но мене лично вкусот на празот повеќе ми се допаѓа. И нормално, за да биде „пица“ и да се добие на уште поголема сочност, вкусот се збогатува со кечап или доматно пире. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за плех 34х22 см): 450 г брашно, 180 мл газирана вода, 180 мл масло, 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка сув квасец или половина коцка свеж квасец, 1/2 лажичка куркума. ЗА ФИЛ: 250 г праз, 400 г шампињони, 1 лажичка сол, 1/2 лажичка црн пипер, кечап и оригано




ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте го брашното и додајте мала лажичка сув квасец (1/2 кесичка), лажичка сол и половина лажичка куркума. Промешајте и додајте 180 мл масло и 180 мл газирана вода во која сте раствориле лажичка шеќер.




Промешајте со лажица додека да се впијат течните состојки, а потоа месењето продолжете го рачно. Тестото е многу убаво, брзо се формира и не се лепи за раце. За кратко време се измазнува и нема потреба од додавање на уште брашно.




Измесеното тесто покријте го со фолија/кеса и оставете го на топло место да ферментира половина час (или подолго ако е потребно) додека да го удвои волуменот. За тоа време пригответе го филот.

Празот ситно исечкјате го и издинстајте го, а исто така и печурките, па соединете ги и зачинете ги по вкус. Филот оставете го настрана да се лади, па поделете го на три дела.




Стасаното тесто малку премесете го, па поделете го на четири еднакви делови и обликувајте топчиња. Секое од тестата развлечете го со оклагија според димензиите на плехот во кој ќе се пече, 34х22 см или приближно. Плехот намастете го, па ставете ја првата кора.




Преку цела површина премачкјате ја кората со 2 супени лажици кечап и наросете оригано. Распоредете една третина од филот, па поклопете со втората кора. Постапката повторете ја додека да ги наредите сите кори, а четвртата премачкјате ја со кечап, избоцкајте ја со чепкалка и покријте ја со фолија, па оставете ја да отстои 10-15-тина минути додека се загрева рерната.




Ставете да се пече во добро загреана рерна на 180 степени, 25-30 минути, а потоа оставете да се подизлади, па сечете ја на коцки и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.