На некои им е познат како „Бањалучанка“, на други како „Славонски коцки“ или „Морнарски штангли“, „Маргитин колач“, „Кремасти коцки со ореви“ и којзнае уште колку имиња има овој совршен колач кој се приготвува од памтивек, особено за Нова година, Божиќ и Велигден. Ви го претставуваме рецептот на Антоинета:




„Овој рецепт се наследувал во моето семејство по женско колено, па така јас го наследив од мајка ми, а сега веќе го прават и моите ќерки. Ништо, ама баш ништо немаме додадено или одземено од оригиналниот рецепт.

Изгледот и вкусот се автентични, како што го правеле генерации пред нас, и така долго се одржал во нашето семејство, зашто, како што вели мојот сопруг, колачот е „неуништиво“ добар. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за бисквит, плех 20х37 см): 8 белки, 8 лажици шеќер, 250 г мелени или сечкани ореви, 3 лажици брашно, 1 лажица какао. ЗА ФИЛ: 8 жолчки, 10 лажици шеќер, 1 кесичка ванила, 200 г путер, 200 г чоколадо за глазура




ПОСТАПКА: Рерната вклучете да се загрева на 200 степени. Во различни садови одвојте ги белките од жолчките. Белките пенасто изматете ги со миксер, па кога ќе згуснат започнете постепено да го додавате шеќерот, лажица по лажица. Матете неколку минути додека да добиете цврст снег кој не паѓа кога ќе го превртите садот.




Повеќе не ви е потребен миксерот, па во белките додајте го просеаното брашно заедно со какао. Мешајте со лажица/шпатула или со рачна маталка, со бавни движења, со превртување на смесата од долу нагоре. Потоа додајте ги мелените или сечканите ореви и на ист начин промешајте.




Овој начин на мешање е важен за да се сочуваат меурчињата од снегот, а смесата да остане и натаму пенлива и воздушеста. Излејте ја смесата во претходно намастен и малку набрашнет плех (или обложен со хартија). Плехот не е стандареден од рерната, туку малку помал и подлабок, за да добиете висок биксвит од 2 см.




Бисквитот ставете да се пече во претходно загреаната рерна на 200 степени додека малку да зарумени и да почне да се одвојува од ѕидовите на плехот (времетраењето зависи од вашата рерна). Кога ќе се испече оставете го да се олади. Во меѓувреме пригответе го филот:




ЗА ФИЛ: Пенасто изматете ги жолчките заедно со шеќерот и ванилиниот шеќер. Матете подолго време, приближно 5-8 минути или додека да се растопи шеќерот и смесата да стане густа и светла.




Садот во кој ги измативте жолчките ставете го врз друг поголем сад со зовриена вода, па згответе го кремот од жолчки на пареа. Истото можете да го направите и во микробранова печка, но најдобро е да ги зготвите на пареа, со повремено мешање/матење, додека да згуснат, приближно 5 минути.




Кремот оставете да се олади на иста собна температура како и путерот исечкан на помали листови. Пенасто изматете го путерот, па во него постепено додавајте го изладениот крем, лажица по лажица додека целосно да се соединат во нежен крем. Распоредете го кремот врз изладениот бисквит, а одозгора прелијте со растопено чоколадо во кое сте додале 1-2 лажици масло. Изладете, па сечете и послужете. Сооlinarika.сom