Откога почнав да постам, постојано сум ненаситна, ми се јаде чоколадо, салати, па едвај ги чекам божиќните празници. Кога го најдов овој рецепт за посни ледени коцки, постојано ми се врти во главата, па затоа решив да ги пробам. Многу се лесни за подготовка и целиот процес одзема околу 1 час.




Генерално ги обожавам ледените коцки, а ова е некоја посна верзија на нив. Искрено, многу ми се допаднаа и ги јадам во деновите кога смеам да консумирам некои од намирниците, како масло. Прекрасни се на вкус, не очекував ваков резултат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СМЕСАТА: 500 мл малку газиран сок (каков и да имате), 100 мл масло, 1 лажица сода бикарбона, 100 г шеќер, 300 г брашно, 2 големи лажици какао, по желба мармалад или суво грозје (1-2 лажици), 1/2 лажичка екстракт од ванила… ЗА КРЕМОТ: 500 мл обична вода, 4 големи лажици шеќер, 2 кесички пудинг од ванила, 500 мл слатка павлака.




ПОСТАПКА ЗА ПОДГОТВУВАЊЕ НА СМЕСАТА: Најпрво се соединуваат влажните состојки по следниот редослед. Во еден подлабок сад ставете го газираниот сок, додајте го маслото и екстрактот од ванила (1/2 лажичка). Измешајте ги нежно состојките, па постепено започнете да ги додавате сувите состојки.




Додајте го шеќерот и со миксер енергично измешајте ја смесата додека шеќерот да се растопи. Постепено започнете да го додавате брашното, кое претходно треба да биде измешано со какаото и сода бикарбоната. Додајте го мармаладот или сувото овошје. Соединете ги состојките со шпатула во мазна и еднолична смеса, без грутки.




Измешајте ги состојките и излејте ја смесата во еден среден плех од рерна, обложен со хартија за печење. Печете во претходно загрена рерна на 180 степени, околу 20-30 минути, со повремено проверување на кората да не загори. По печењето, проверете дали кората е печена со помош на чепкалка.




ЗА ПОДГОТОВКА НА КРЕМОТ: Ставете ја водата да зоврие, кога ќе зоврие додајте го изматениот пудинг со малку ладна вода и шеќер. Наместо со млеко, пудингот се подготвува со вода, по ист принцип, прашокот се меша со малку од водата од вкупната количина, а остатокот се остава да зоврие.




На умерена температура гответе и почесто мешајте, додека да се формира пудинг со густа конзистентност, како и вообичаено. Изладете го пудингот до собна температура, додајте шлаг, изматен од посната слатка павлака, полека мешајќи со рачна маталка.




Тестото можете да го намачкате со нешто течно како инстант кафе или сварено какао. Кремот нанесете го на изладеното тесто, добро израмнете и ставете го во фрижидер да се стегне пудингот, минимум половина час. Потоа, декорирајте по желба со течно чоколадо и какао. Прочитајте ја и забелешката:




Забелешка: Се користи посна слатка павлака која може да ја купите во секој доброснабден супермаркет, како на пример „Халта“ павлаката. Уживајте во овие посни ледени коцки. Иако може веднаш да ги послужите после подготовка, најубави се доколку се остават малку во фрижидер да се оладат или ако сте нестпливи, изладете ги накратко во замрзнувач. / Сооlinarika.сom