Рецепт и виде презентација на Валентина Машковиќ – Посна Царска Пита. Подгответе ја оваа лесна и посна царска пита за брзо време, а за вкусот мора да ја пробате за да се уверите. Количински излегува многу и со сигурност ќе ве засити вас и вашите членови од семејството.

Питата останува свежа и наредниот ден, така да може да си обезбедите појадок за наредниот ден. Иако питата се приготвува без јајца, јогурт, кисело млеко или сирење, вкусот е неодолив и со сигурност ќе уживате во него. Базата на оваа пита е пченкарно брашно измешано со пченично брашно и варен ориз.

За оризот потребни се 2-3 мали шолји за кафе. Потребни ви се неколку кисели краставички и веќе подготвена зимница за претстојните посни денови. Но, доколку не сте ја подготвиле овогодишната зимница, може да искористите неколку моркови од тегла, домати, лути и благи пиперки или праз.

Се разликува од стандардната царска или шпанска пита и според мене многу е повкусна иако не содржи ниту јајца ниту млеко. Затоа, не го пропуштајте овој рецепт, без разлика дали постите или не.

Потребни состојки: 500 мл газирана вода, 200 мл масло, 2 лажички сол, 2 филџани за кафе пченкарно брашно, 1 филџан пченично брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 3 филцани варен ориз, 5 кисели краставички, 3 кисели пиперки, 2 кисели моркови, зачини по свој вкус и 2-3 полни лажици лутеница/ајвар/зеленчукова зимница

Постапка: Киселите краставички, пиперките и морковите исечкајте ги на ситни коцкички. Во подлабок сад ставете две чаши минерална/газирана вода (500 мл), потоа додадете една чаша масло, 2 рамни лажички сол, 2 полни филџани за кафе пченкарно брашно и 1 филџан бело брашно.

Добро изматете со маталка за да се соединат и изедначат состојките, па додадете и една кесичка прашок за печиво. Во смесата која ќе ја добиете (а треба да биде погуста од онаа за палачинки), додавајте ги по пред сечканите состојки: краставички, морковите, пиперките (не ги цедете од течностите).

Во оваа смеса додадете и 2-3 полни лажици лутеница или некоја зеленчукова салата од зимница која ви се наоѓа по дома. Промешајте добро за да се изедначат состојките и додадете го претходно варениот ориз. Вака приготвената смеса излејте ја во плех претходно намастен и наросен со брашно.

Рамномерно распоредете и израмнете. Рерната загрејте ја на 200 степени, ставете ја питата да се пече околу 30-35 минути или во зависност од вашата рерна (прверете со чепкалка). Кога е печена питата малку се одвојува од страните. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.