ПОСНА ПИТА СО ГОТОВИ КОРИ: сите го бараат овој рецепт, а кога ќе пробате, ќе се уверите зошто. Рецепт на Сања од Аурора Рецепти. Посна пита која има неодолив вкус и е мека како памук, а тајната е во лесниот фил.

Готова за неколку минути, се подготвува од готови кори, а филот го подготвувате така што сè мешате и само премачкувате. Без месење на тесто и чекање да стаса, оваа пита може да ја правите и мрсна, но вака посна има посебен вкус.

„Овој рецепт за мене е вистинско откритие. Сигурна сум дека сите го сакаме вкусот на домашен качамак и проја, а оваа пита има баш таков вкус. Јас првпат ја подготвив сега, но отсега ќе ја правам постојано,” вели Сања.

Потребни состојки:
1 пакување готови кори за пита, 500 г

За фил:
250 г бело пченкарно брашно,
1 кесичка прашок за печиво,
1 лажичка сол,
120 мл масло,
250 мл млака вода

За прелив:
100 мл вода (може газирана или обична) и
80 мл масло

Постапка: Во подлабок сад подгответе го филот. Ставете го пченкарното брашно заедно со прашокот за печиво. Јас користам домашно пченкарно брашно, но може да користите било какво. Потоа посолете и малку промешајте со лажица.

Додајте го маслото и на крајот постепено додавајте ја млаката вода со постојано мешање додека да се формира густа смеса без грутки. Филот е подготвен, сега останува да ги измешате водата и маслото за прелив и започнете со редење.

Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени додека ги редите и премачкувате корите. Во огноотпорен сад, мојот е со димензии 30х20 см, премачкајте со малку масло на дното и по страните и ставете 3 кори.

Мене корите ми беа однапред исечени во големина на садот за печење. Редите 3 кори и премачкувате со преливот, а потоа ставате уште 2 меѓу кои и двете ги премачкувате со масло и вода и потоа додавате од филот.

На секоја втора кора премачкувате со фил и така редите додека да се потроши филот и во зависност колкава дебелина сакате да ви излезе питата. Верувајте многу е вкусна, и многу потсетува на старинското јадење качамак или домашна проја.

Покрај тоа оваа пита е доста здрава, а доколку сакате да ја правите во мрсна варијанта може да додавате и малку рендано сирење врз премачканиот фил. Кога ќе завршите со редењето на корите, завршувате со 2 кори и последната ја премачкувате со прелив. Потоа питата ја сечете на коцки пред да ја ставите на печење.

Ставате да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 35-40 минути. За да се испече доволно е 35 минути, но јас ја оставив уште 5 минути повеќе за да фати убава златна коричка. По желба наросете со семки, сусам и ким, а кога ќе се излади послужете со кисело млеко. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.