Кога ќе ви се пријаде некоја лесна пита, а не ви се меси тесто во моментот, можете само да си подготвите фил од неколку состојки со ајвар, да ги наредите корите, да го премачкате филот и потоа да ставите на печење.




Оваа необична посна пита е навистина посебна и може да се послужува на која било посна слава. Минатата година за Св. Никола, гостите ми ја пофалија многу и не им се веруваше кога им кажав, колку лесно се подготвува. Оваа пита може да ја правите и во мрсна варијанта. Од неколку состојки, одозгора изгледа прекрасно завиткана, а еве што ви е потребно за да си ја направите:




ПOTРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пакување готови посни кори за пита, 1 мала лажичка сол, 200 мл масло, 1 кесичка прашок за печиво, 400 мл газирана вода, 4 супени лажици брашно и неколку лажици ајвар од моркови. Постапката може да ја прочитате во продолжение:




ПОСТАПКА: Питата се подготвува од ајвар од моркови, но ако немате таков може да ја правите и со обичен, подеднакво е вкусна. Во еден сад ставете ја газираната вода и додајте го маслото. Малку промешајте. Потоа додајте го брашното, прашокот за печиво и солта.




Јас додадов 1 мала лажичка сол бидејќи во ајварот исто така има сол, така што според вкус одредете ја количината на сол која треба да ја додадете. Промешајте ја смесата, па отворете ги готовите кори.




Најпрво издвојте 4 кори настрана кои ќе ви бидат потребни за подоцна. Другите кори завиткајте ги во ролат и исечете ги на тенки ленти, како што е прикажано на сликата и видеото подолу.




Плех со средна големина премачкајте го со малку масло и на дното поставете две кори. Краевите може малку да ги изгужвате. Потоа ставете од ситно сечканите кори кои е потребно да ги поделите на 3 еднакви делови.




Одозгора ставате малку од течната смеса. Потоа повторно ставате сечкани кори, па течната смеса и редите преку целата површина неколку лажици ајвар и рамномерно распоредувате. Одозгора ставате повторно од сечканите кори, преливате со течната смеса и завршувате со последните 2 цели кори кои претходно ги издвоивте настрана.




Преливате со преостанатиот фил, добро ги вметнувате краевите од кората во тавата и сечете. Питата се сече на средни коцки, а потоа се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 30 минути односно додека да порумени одозгора. Деталите од целата можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.