Направете ги овие крофнички од тиква и навистина ќе уживате во вкусот. Рецептот ми го даде мојата 60-годишна баба која го прави овој рецепт повеќе од 30 години. Сите знаеме колку е вкусно кога дома се пече тиква и целата куќа замирисува на неа. Наместо тиква, во рецептот може да се употреби морков или компир, но тиквата има посебна арома и мирис.




Можете да си го направите овој рецепт за крофнички од тиква и пак целата куќа ќе замириса на вкусниот плод на есента. Дома сите ги сакаат и ги бараме да ни ги прави баба постојано. Овие ми се сега омилени и дефинитивно ќе си го чувам рецептот да си го подготвувам и самата. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г тиква, 3 јајца, 120 г шеќер (2 прста помалку од една чаша за вода), 140 мл млеко, 2 лажици маслиново масло, 240 г брашно, 10 г прашок за печиво, 5 г ванилин шеќер.




ПОСТАПКА: Сировата тиква ја сечете на тенки парчиња како листови и ја обарувате. Најдобро е обарувањето да го правите на следниот начин: во тенџере со вода до половина, ставете една цедалка или сад со вода врз тенџерето, па во садот ставете ја тиквата и варете ја на пареа, додека да омекне.




Кога ќе ја обарите и ќе омекне, тргнете го садот од пареа и со задниот дел од виљушката испасирајте ја во пире и оставете да се подизлади. Во посебен сад соединете ги останатите состојки за смесата.




Скршете 3 јајца во садот и разматете ги со жица или маталка додека да станат пенасти. Додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер и миксирајте ја смесата додека да добиете пенест крем, со слична конзистентност како смеса за палачинки.




Потоа ги додавате млекото и маслиновото масло и добро инкорпорирајте ги состојките во течна смеса. Следно, се додава пастата од тиква и се соединува додека да се добие еднолична, мазна и соединета смеса.




На крајот се додава брашното и прашокот за печиво и се продолжува со соединување на состојките со шпатула, додека убаво да се соединат и да се добие мазна смеса. Смесата оставете ја да отстои 15-тина минути на собна температура, а во меѓувреме во подлабоко тавче или тенџере загрејте масло, со длабочина од приближно 2 см.




Со помош на кутлача, црпете од смесата и сосе кутлачата спуштајте во тенџерето. Кога смесата малку ќе се спои, отпуштете го тестото од кутлачата и оставете да се допржи докрај, додека да порумени крофничката од сите страни. По пржењето, крофничките се редат во чинија обложена со хартиена салферка за да се исцеди вишокот масло.

На овој начин, правете ги крофничките додека да се потроши целата смеса, но бидете внимателни да не ви се растече низ тенџерето. Кога крофничките малку ќе се оладат и ќе бидат млаки, се декорираат до половина со растопено бело чоколадо, па се оставаат 15 минути во фрижидер, додека чоколадото да се стегне.

По желба, дополнително крофничките може да ги декорирате со темно чоколадо, но нема потреба. Послужете ги веднаш и сите ќе уживаат во нивниот вкус. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.