Овој колач несомнено многу ќе ви се допадне, бидејќи многу е миризлив, сочен и вкусен, а притоа многу едноставно се подготува. Ќе ви стане редовен колач за време на постите, но ќе си го правите и вон пости – Ирена.

Потребни состојки за тесто: 450 г брашно, 1 лажица сода бикарбона, 200 г шеќер, 1 смрзнат портокал, 250 мл газирана вода, 70 мл масло.

За фил: 200 г шеќер, 100 мл вода, 1 ванилин шеќер, 80 г кокос, 100 г мелени кекси, 2 лажици џем од кајсии. За глазура: 100 г чоколадо и 1 лажица масло.

Постапка: брашното помешајте го со сода бикарбона, па додајте шеќер. Смрзнатиот портокал изрендајте го и додајте го во брашното. Додајте ја газираната вода и маслото. Промешајте со лажица додека да се изедначи смесата.

Тестото за колачот излејте го во намастен и набрашнет плех (величина по ваш избор: ако е поголем ќе излезе понизок, ако е помал ќе биде повисок колачот). Израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени.

Кога е печен колачот, проверете со чепкалка и извадете го (ако излезе сува чепкалката, значи дека колачот е готов). За тоа време пригответе го филот кој се излева преку топлиот колач.

За прелив: во едно тенџере ставете ги шеќерот и водата да зовријат и да се растопи шеќерот, па додајте ги мелените кекси, кокосот и џемот. Промешајте за да се изедначи убаво.

Врелиот фил рамномерно распоредете го преку врелиот колач и убаво израмнете. мачкајте брзо, затоа што филот брзо се стега. Одозгора прелијте со чоколадна глазура (растопете го чоколадото со малку масло на пареа).

Изладете, послужете и сладете се. / Ирена / Сооlinarika.com Прочитајте уште еден рецепт за посен и здрав колач за кој веднаш ќе си го запишете рецептот: МНОГУ ФИН ЗДРАВ ПОСЕН КОЛАЧ – рецепт на Гага

Потребни состојки: 2 шолји рендано јаболко, 1 шолја рендан морков, 1/2 шолја масло, 1/2 шолја вода, 1/2 шолја шеќер, 1 шолја пченкарни или пченични снегулки, 1/2 шолја интегрално брашно, 1 прашок за печиво, 1 помало посно чоколадо

Постапка: во еден подлабок сад измешајте го брашното, пченкарните снегулки, шеќерот и прашокот за печење. промешајте за убаво да се распоредат состојките. На страна измијте ги и излупете ги јаболката и морковите.

Изрендајте ги на крупно ренде, па додајте ги во сувите состојки. Потоа преостануваат само уште течните состојки, водата и маслото.

Промешајте додека да се изедначи смесата, па излејте ја во соодветен калап обложен со хартија за печење. Печете во загреана рерна на 180 степени. Печениот колач прелијте го со растопено чоколадо. Гага / Сооlinarika.com