Базата на овој колач се посните бисквити и чоколадото, поточно какао крем табла, со додатоци од лешник и кокос (ќе се уверите колку е добра оваа комбинација). Може да се сече како ситни колачи за слава или некој друг повод, особено доколку ги правите во повеќе видови.




Подготовката е навистина многу брза, а после само ви преостанува да ги исечете штангличките или коцкички, или триаголници (облик по ваш избор, а од смесата може да се прават дури и топчиња). Може да се послужи и како торта во тркалезен калап. Количината не е голема, но е таман за да се засладите, па доколку ви е потребна поголема количина, соодветно зголемете ги состојките.




Наместо лешници можете да употребите ореви, а по желба можете да го изоставите кокосот, а наместо него да ставите лешници, ореви или мелени кекси. Или да ги изземете лешниците и оревите, а да употребите само кокос. Имате многу комбинации на располагање, па искористете ја онаа која вам најмногу ви одговара. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г посни бисквити, 200 г чоколадо за готвење (какао крем табла), 100 г посен маргарин, 1/2 чаша млеко од соја, а може и вода или некое растително млеко по ваш избор (125 мл), 6 супени лажици шеќер, 100 г печени, мелени лешници, 50 г кокосово брашно/снегулки, 2 супени лажици какао во прав




ПОСТАПКА: Бисквитите искршете ги со раце во некој подлабок сад, на поситни или покрупни парчиња по ваш избор, па додајте ги мелените лешници (претходно истостирани/пропржени во сува тава колку да замирисаат, па оладени и измелени) и кокосовото брашно, па сето добро промешајте го за да се изедначат сувите состојки.




Во тенџере на оган сипете вода или соино млеко, а може да употребите и бадемово, оризово, кокосово или некое друго растително млеко по ваш избор. Јас ги направив со вода и излегоа многу вкусни. Додајте шеќер, исечакна маргарин на листови и чоколадо искршено на коцки.




Загревајте на умерена температура со повремено промешување за да се растопат полека состојките и соединат во еднолична чоколадна смеса. Кога сето ќе се растопи почекајте да зоврие, но не заборавајте да мешате за да не ви загори и да не ви се направи слој на дното од садот.




Штом зоврие, чоколадна смеса излејте ја врз мешавината од сувите состојки (бисквити, кокос и лешници). Добро измешајте да се изедначат сите состојки, па целата смеса сипете ја во некој калап обложен со стреч-проѕирна фолија (или на дното поставена хартија за печење).




Калапот што јас го користев беше 29х11 см, а може било каков, 20х20 см на пример, главно за оваа количина одберете некој помал калап за да има соодветна висина колачот. Ако сепак немате и калапот ви е поголем, тогаш смесата ставете ја на едниот крај од калапот, па полека развлекувајте до посакуваната висина на колачот.




Потоа само натапкајте со лажицата за да добиете каков-таков раб на колачот и оставете да се лади. Смесата не е ретка и нема да ви истекува, така што, можете и со раце да ја обликувате. Добро изладете го колачот и пред сечење извадете го 10 минути да отстои на собна температура, па послужете. / domaсireceрti.nеt