Обично кога ќе посакаме похувано месо, прво на што помислуваме е големата количина на масло која се впива при пржењето. Понекогаш и исцедувањето и обложувањето со хартиена салфетка не помага, зашто и натаму останува премногу масло.

рецепт 1




На многумина ова им пречи и затоа го одбегнуваат овој начин на подготвка, иако храната ја прави многу повкусна, особено кога станува збор за зеленчукот, а месото помеко и посочно. За среќа, секогаш има решение, а пржењето во длабоко масло може да се замени со печење во рерна. Еве што ви е потребно:

рецепт 2




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1.5-2 кг пилешки батаци и карабатаци, за маринада: 1 лажица сенф, 1 лажица сув зачин, 1/2 лажичка сол, 1/2 лажичка црн пипер, малку масло (2-3 лажици). ЗА ПОХУВАЊЕ: 3-4 јајца, 250 г брашно, 200 г пченкарна палента, 200 г сусам, сол и црн пипер по вкус

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 парчиња пилешки гради, 2 мали лажички сол, 1/4 мала лажичка црн пипер, 1/4 мала лажичка лут црвен пипер, 1 мала лажичка лук во прав, 1 мала лажичка црвен пипер во прав, 2 супени лажици мајонез, 2 лажици кисела павлака, 2 лажици рендан пармезан, 1.5 чаша лебни трошки, 2 мали лажички пченкарно брашно, приближно 100 мл масло




ПОСТАПКА за рецепт 1: Карабатакот засечете го со нож од горната страна на две-три места, а батакот и од двете страни (претходно испрано со ладна вода, исцедено и пребришано со хартиена салфетка). Сите потребни состојки за маринадата измешајте ги во некој помал сад, а зачините секако додавајте ги по сопствен вкус.




Со помош на кујнска четка премачкјате ги сите парчиња месо со маринадата од двете страни и редете ги во некој посебен сад. Потоа пригответе ги состојките за похување: во еден сад ставете само брашно, во друг сад ставете палента и помешајте ја со сусам и малку црн пипер.




Во трет сад скршете четири јајца, изматете ги и додајте малку млеко (приближно 100 мл). Големиот плех од рерна обложете го со хартија за печење, а потоа малку намастете го одозгора. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, а потоа намалете на 180 степени.




Најпрво маринираното месо убаво извалајте го во обично брашно, да се нафати од сите страни. Потоа натопувајте го во мешавината од јајца и млеко, па валајте го во мешавината од палента и сусам.




Вака испохуваното месо наредете го во плехот и одозгора наросете го со малку масло. Ставете да се пече на 180 степени, а некаде на половина од печењето превртете ги и од другата страна. Вкупно се пече приближно 35 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Секое парче пресечете го на половина да се добија тенки парчиња, а потоа и по должина на половина, што значи дека од едно парче ќе добиете четири. Зачинете ги со сол, црн пипер, лук, лута и слатка црвена пиперка во прав. Потоа додајте мајонез, кисела павлака и мармезан, па промешајте сето да се соедини.




Садот затворете го со проѕирна-стреч фолија и оставете го маринираното месо во фрижидер да отстои еден-два часа. Плехот намастете го и наросете го со пченкарно брашно. Пилешкото месо валајте го во лебни трошки и редете го во подготвениот плех (да нема празен простор, да се пополни плехот). Одозгора наросете малку масло и ставете да се пече во загреана рерна на 200-210 степени, 20-30 минути.