Рецепт и видео презентација на Том Филос – Најмеките погачиња во светот, идеални за појадок – памук погачиња. Формата на ружа се добива многу едноставно, ќе бидете изненадени кога ќе дознаете. Освен што се многу декоративни, овие погачиња се и многу вкусни и меки како памук. Еве што ќе ви биде потребно за да ги приготвите памук погачињата.

Потребни состојки за да се направи тесто: 200 мл млеко, 70 мл масло, 1 јајце, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, еден квасец и 500 г брашно. Сите состојки ставете ги во подлабок сад за месење и доколку имате електричен миксер вклучете го да се меси тестото неколку минути.

Доколку немате миксер за тесто, тогаш во млекото млеко додадете лажичка шеќер и квасецот, промешајте да се раствори (и доколку не сте сигурни за рокот на квасецот, оставете го 10-тина минути да се активира).

Додадете го маслото, јајцето, солта, па со постепено додавање на брашното замесете го тестото. Додадавте брашно додека да добиете меко и мазно тесто кое се одвојува од ѕидот на садот. Измесеното тесто покријте го со проѕирна фолија/капак/кујнска крпа и оставете го да стасува половина час додека да го удвои волуменот.

Стасаното тесто поделете го на 8 еднакви делови, а од секој дел формирајте топче. Од секое топче со помош на дланките формирајте долго валјаче. Оставете неколку центиметри како опавче, а остатокот притиснете го со оклагијата за да се сплосне (за постапката погледнете го видеото од линкот).

Овој, тенкиот дел пресечете го на половина така да добиете две ленти. Нежно лентите сплетете ги една преку друга, а потоа свиткајте ја плетенката како полжавче, за да добиете форма на ружа. На “опавчето” направете му нерамнини со помош на чепкалка за заби, и со него обвиткајте ја ружата.

Вака приготвените ружички редете ги во плех обложен со хартија за печење. Покријте ги со кеса или проѕирна фолија и оставете ги да стасуваат половина час. За тоа време малку ќе пораснат и ќе станат воздушести.

Одозгора премачкјате ги со изматена жолчка и малку масло. Рерната загрејте ја на 220 степени, па ставете ги печивата да се печат. Ќе им биде потребно околу 15 минути или додека убаво да заруменат. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

БОНУС – Ружички можете да правите и на поинаков начин: развлечете кора од тестото и вадете кругови со чаша. Четири кругови наредете еден до друг, но така што секој следен го преклопува малку претходниот. Потоа исечете ги на половина, па од секоја половина свиткајте полжав. Ќе добиете прекрасни ружички од тесто.