Рецепт и видео презентација на Том Филос –Ароматична баклава со портокали која мора да ја пробате оваа зима. Некои ја нарекуваат и баклава од портокали. Се приготвува од готови кори кои треба да се исушат во рерна, а потоа да се издробат со раце и прелијат со смеса. Еве кои состојки се потребни за да го приготвите овој неверојатен колач.

Потребни состојки: 400 г готови кори. За сируп: 250 г шеќер, 300 мл вода, 2 портокали (кора и сок). И уште: 4 јајца, 180 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 2 портокали (кора), 250 мл масло, 250 мл густ јогурт (или кисела павлака), 10 г прашок за печиво

Постапка: Корите отворете ги на работната површина. Една по една гужвајте ги грубо, секоја во вид на армоника (не треба прецизност, како ќе ви дојде со рацете – погледнете најдолу видео прилог) и исполнете го целиот плех од рерна. Започнете од едниот крај и полека редете ги корите додека да се исполни целиот плех.

Вака суви корите ставете ги да се потсушат и испечат во претходно загреана рерна на 120 степени. Ќе биде потребно околу еден час да се печат, а за тоа време само ќе се исушат, нема да заруменат.

Во тенџере на оган ставете 250 г шеќер, 300 мл вода, рендана кора од два портокали. Кога ќе зоврие сирупот додадете го и сокот од двата портокали. Промешајте и гответе 10 минути. Потоа сирупот процедете го низ цедалка. Оставете го на страна да се излади.

Исушените кори оставете ги да изладат, а потоа со рака искршете ги. Во длабок сад за матење ставете 4 јајца, 180 г шеќер помешан со 10 г ванилин шеќер и миксајте додека смесата да се згусне а шеќерот да се растопи.

Кога јајцата ќе се згуснат, во нив полека во тенок млаз додадете 250 мл масло, рендана кора од два портокали, 250 мл јогурт. Матете ја смесата додека да се изедначи.

Потоа во оваа смеса додадете ги кршените кори. Во целата количина додадете и 10 г прашок за печиво. Промешајте со шпатула. Плех со средна величина намастете го со масло и наросете го со брашно, а вишокот истресете го.

Во приготвениот плех рамномерно распоредете ја приготвената смеса. Израмнете и одозгора декорирајте со ткалца од пресечен портокал. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 40 минути. Врелиот колач прелијте го рамномерно со изладениот сируп. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.