Мека како душа, се топи во уста. Има преубав изглед и вкус. Може да витка и поинаку ако сакате друг облик и изглед.

Потребни состојки: Околу 1 кг брашно, 40 г свеж квасец, 200 мл млака вода, 300 мл јогурт, 100 мл масло, 1 јајце + 2 жолчки, 2 лажички сол, 2 лажички шеќер, 300 г ситно сирење и 200 г спанаќ

За премачкување: 1 јајце и 20 г путер/маргарин

Постапка: Спанаќот убаво измијте го и сварете го околу 3 минути во солена вода. Исцедете го и изгмечете го. Измешајте го со сирење и ако потребно посолете. Квасецот измешајте го со млака вода, шеќер и лажица брашно, па оставете го 10-тина минути да се активира.

Во голем сад измешајте брашно и сол. Додадете го активираниот квасец, јогуртот, маслото, јајцата, па замесете меко тесто. Најдобро е брашното постепено да го додавате, а и самото тесто е поубаво кога подолго се меси.

Оставете го покриено на топло место да стасува околу половина час. Потоа премесете го, па поделете го на три дела. Секој дел развлечете го во тркалезна кора нешто поголема од чинија. Тепсијата во која ќе се пече погачата намастете ја со малку масло и обложете ја со хартија.

Врз едната кора ставете половина од филот, поклопете со втора кора, распоредете го остатокот од филот, па поклопете со третата кора.

Погачата префрлете ја во тепсијата. Направете витки како што е прикажано во видеото, а потоа премачкајте со изматено јајце и насекаде по малку ставете путер или маргарин.

Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, а за тоа време погачата малку ќе ја зголеми величината. Печете ја околу 40 минути. Доколку пребрзо се испече од горната страна, тогаш одозгора ставете хартија. Деталите погледнете ги во видеото: