Дракче Стевковска е жена која секогаш е насмеана и полна со заразна позитивна енергија со која секому му го разубавува денот. Честопати за себе знае да каже „ја имам поврзаноста со луѓето, ги чувствувам нивните радости и таги како да се мои”. Освен со луѓето, Дракче е поврзана со домот и билките, па во разни проекти можевме да ги слушнеме нејзините корисни совети за храната, растенијата и рачните изработки.




Овојпат, Дракче ја гледаме во нејзиното дворче, а доколку сакате да ги слушнете нејзините корисни совети за начинот на кој треба да се згрижат билките за зимување – погледнете го видеото под пишаниот текст.

„Ве поздравувам драги пријатели, од моето дворче, а ова кратко видео се надевам дека ќе ви биде интересно и од корист.




Љубовта кон цвеќето ја пресади мојата мајка во моето срце, затоа што нашата градина беше полна со цвеќиња, а нашата куќа изгледаше на цветен замок. Мајка ми не е меѓу живите, но нејзините цвеќиња продолжија да растат секаде во домовите каде ги има подарено.




Денес ќе презентираме што треба да се направи за цвеќето кое ни цветаше цело лето, да го презимиме за во зима, за да го имаме повторно напролет. Бидејќи, саксиите ни се големи и не можеме големи жардиниери да внесуваме, ќе се обидам да ви претставам како на полесен и поедноставен начин да ги спакувате и презимите вашите цвеќиња.




Овде имаме сардела, која народот уште ја нарекува и “селска”, “домашна” и “бабинска” сардела која има убава црвена боја. Беше помешана и со бела боја, но сега бидејќи е есен, останато е уште едно цветче.

Потребен ни е еден поголем нож за да можеме да ја извадиме од саксијата со колку може повеќе земја околу коренот. Обидете се да го извлечете најголемиот корен, а за размножување сочувајте ги и сите останати коренчиња.




За најлесно и наједноставно да ги складирате вака сочуваните корења, а притоа да не ви зафатат премногу простор, потробна ви е најлонска кеса, најобична (црна за ѓубре) од која со ножици ќе отсечете доволно големо парче со кое ќе може да се завитка коренот.

Во приготвеното парче кеса спакувајте го цвеќето, додајте уште малку земја во коренот ако за тоа е потребно, и подврзете ја кесата за да спречите истурање на земјата, но и изладување на коренот.




Многу малку додадете вода одозгора и оставете го цвеќето вака да преноќи една ноќ за да може водата убаво да се впие. Постапката повторете ја со сите цвеќиња, а вака спакувани редете ги во картонски пакети.

Во една најобична кутија може да се соберат 15 цвеќиња. Добро затворете ги и пренесете ги на местото одредено за презимување. Еднаш месечно наводнете ги со малку вода”, вели Дракче. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Во продолжување прочитајте корисни податоци за одржувањето на сарделите:




Размножување и одгледување. Сарделите најбрзо и најлесно се размножуваат со сечење на врвни резници со должина од 10 до 12 cm. Долните два листа и цветот (доколку го има) се отстрануваат. Нивното ожилување може да се врши во влажен песок или во саксија, во која се поставуваат по 4-5 резници заедно (од септември до јануари). Резниците презимуваат во топли простории, на температура од околу 20 степени.

Во февруари резниците се садат поединечно во саксии, се полеваат и им се скратуваат горните 3-4 листови со цел да се формира разгрането стебло. Во април сарделите може да се пресадат на отворен простор, најчесто на тераси, во дворови или во градини.




Кон крајот на септември би требало да се отстранат сите цветови, и свежите и свенатите, за да се сочува енергијата на билката. Зимно време треба повремено да се полеваат, еднаш на 15 денови или еднаш месечно, и да не се прихрануваат сè до март.

На почетокот од пролетта треба да се поткастри 20-30 % од сарделата, а потоа треба да се полеат. После 2-3 седмици пресадете ги во нова земја. Постепено зголемувајте ја водата за полевање и започнете со прихранување. Сарделите садете ги во веќе приготвена мешавина од земја.




Добро се покажал тресетниот суптрат со крупна гранулација. Земјата не треба да биде слепена, туку растресена, бидејќи сарделата сака доста воздух околу коренот. Се размножуваат со семе или со гранче-резанче, за што оптимално време е летото. Одлична прихрана за сарделите е раствор од вода и јод.




Една капка јод (не повеќе, само една капка, бидејќи повеќе може да го изгори коренот), се раствора во еден литар вода. 50 милилитри од овој раствор се полева покрај ѕидот на саксијата (не директво во коренот!).

Ако точно вака постапите и не претерате, ќе обезбедите вашите сардели непрестајно бујно да цветаат. Повидон јодот е познат како силен гермицид со силен спектар кој е делотворен против голем број бактерии, вируси и габички.