Многу едноставна постапка, па откако ја научив започнав секој ден да си месам. Тестото е меко и податливо за работа, а може да се прави со квасец или без.
Вкусните залак-печива излегуваат многу на број, па моја топла препорака е да си ги запишете двата рецепти, навистина не можам да фаворизирам, зашто и двата се одлични.
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт на Вера Черфељ):
500 г сирење,
250 г путер или маргарин омекнат на собна температура,
500 г брашно, јас ставив уште малку,
1 јајце
*(во оригиналниот рецепт не се додава ½ прашок за печиво, зашто од сирењето или кашкавалот самото тесто си нараснува и добива на мекост, но кој сака може да додаде)
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 200 мл):
1 чаша топла/млака вода,
1 чаша топло млеко,
1 супена лажица шеќер (20 г),
1 кесичка сув квасец (8-10 г),
белка од 1 јајце на собна температура,
90 мл масло,
500 + 100 г брашно.
За премачкување: 1 жолчка + 2 лажички млеко, сусам/ким/ленено семе за наросување.
Фил: 150 г рендан кашкавал.
ПОСТАПКА за рецепт 1: сирењето ситно изрендајте го, путерот на собна температура изматете го пенасто со помош на електричен миксер, па додајте му ги една по една сите состојки и замесете убаво, мазно тесто.
Добиеното тесто завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го да одмори во фрижидер, најмалку еден час. Ова е потребно за да се стегне повторно путерот и тестото полесно да се развлекува во кора.
Потоа, со помош на оклагија тестото развлечете го во правоаголна кора со средна дебелина, да не е премногу тенка, ниту дебела, па потоа кората префрлете ја на превртена тепсија. Уште малку развлечете со оклагијата.
Одозгора притиснете со решетката од рерна, така да добиете прво надолжни линии, а потоа и коцки, па со остар нож полека исечете ги коцкичките.
Можете да се послужите со самите линии од решетката, а доколку имате сигурна рака, можете да сечете после исцртувањето (ова ако сакате да имате еднакви по големина коцкички).
Одозгора преку целата површина премачкајте со жолчка разматена со една лажица масло, наросете сусам или некое друго семе по ваш избор и ставете на печење во загреана рерна на 200 степени, кратко време додека да заруменат малку.
Вториот рецепт содржи квасец, се прават две кори кои се поклопуваат една врз друга, а помеѓу се става фил. Излегува многу вкусно, мора да го пробате, еве ја постапката:
ПОСТАПКА за рецепт 2: во подлабок сад измешајте ги топлата вода и млекото, растворете ги шеќерот и квасецот, па оставете да одмори 10-тина минути додека да се активира квасецот и да запени.
Потоа додајте една белка и масло, па добро измешајте за да се изедначи.
Во течната мешавина додајте најпрво 500 г брашно и промешајте додека са впие и да се создаде комапктна смеса, а потоа додајте уште 100-тина г брашно и замесете меко тесто.
Кога ќе започне да се одвојува од ѕидовите на садот истресете го на работна површина, доработете го уште малку, обликувајте топка, па вратете го во намастен сад.
Покријте го со фолија и оставете го половина час да стасува на топло место додека да го удвои волуменот.
Стасаното тесто малку премесете го за да се истисне воздухот од него, па поделете го на два дела. Со помош на оклагија развлечете праволаголна кора со средна големина според димензиите на плехот во кој ќе се пече.
Кората префрлете ја врз хартија за печење и преку цела површина наредете рендан кашкавал. Одозгора поклопете со втората кора и добро затворете ги краевите, па уште малку развлечете со оклагијата.
Со помош на решетката од рерна обликувајте квадратчиња, исечете ги, внимателно префрлете го тестото во плехот, па оставете 10-15-тина минути да одмора додека се загрева рерната на 180 степени.
Премачкајте одозгора со разматена жолчка во која сте додале малку млеко, наросете семки по избор и печете 25-35 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.