Оваа пита има ралични имиња, но најпозната е под името ДЕВЕТ ТАБАНИ. Некои ја прават како едно цело парче и се нарекува „Пита – плик писмо“, а некои ја подготвуваат според истата постапка, но не во девет парчиња како што е интегрално, туку во четири или шест „табани“.
Како и да е, запишете си го овој рецепт кој ќе ве врати во детството, бидејќи сигурно и вашите баби или мајки ја приготвувале оваа многу вкусна пита. Најчесто се филува со сирење, но може да се употреби и мелено месо или нешто зелено. Нашата членка Милица Цветкоска ја приготви питата и ја објави во групата НМД рецепти. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 850 г – 1 кг брашно или по потреба, 500 мл газирана вода на собна температура, 1 коцка свеж квасец (40 г), 1 супена лажица шеќер, 1 супена лажица сол, 2-3 супени лажици масло, околу 300 мл масло за премачкување на корите. ЗА ФИЛ: 250 г ситно сирење/урда, 300 г тврдо сирење, 3 јајца
ПОСТАПКА: Во подлабок сад истурете ја газираната вода која не треба да се загрева, доволно е да отстојала на собна температура (да не е извадена директно од фрижидер). Потоа во водата изронете една коцка свеж квасец и додајте лажица шеќер.
Промешајте додека убаво да се растворат состојките, а потоа додајте три лажици масло и започнете постепено да го додавате брашното во кое сте додале и една лажица сол. На почетокот мешајте со лажица додека брашното да ја впие течноста, а потоа месењето продолжете го со рака.
Додавајте брашно и месете сè додека сите состојки да се соединат и да добиете мазно, средно меко тесто. Покријте го со крпа или стреч-проѕирна фолија и оставете да одмори само неколку минути (10-15), а потоа поделете го повеќе топчиња, во зависност од тоа колку „табани ќе правите“. За секој „табан“ потребни се 3 топчиња.
За 4 табани, тестото поделете го 12 делови, а од секој дел формирајте топче и оставете го настрана. Додека топчињата тесто одмораат покриени (10-тина минути), пригответе го филот од сирење или по желба.
ЗА ФИЛ: Во еден сад измешајте го ситното сирење (урда), со рака изронете го тврдото сирење и додајте три јајца, па соединете сè со виљушка. Кој сака може да додаде и рендан кашкавал или нешто по свој вкус.
Од секое топче со оклагија се развлекува мала тркалезна кора со големина на чинија, па врз кората се става околу една лажица масло и се премачкува целата површина. На четири места се местат по три кори една врз друга, а врз третата не се става масло. Наместо масло може и растопен путер/маргарин/маст.
На набрашнета работна површина се става еден куп од три кори, па прво малку се притиска со раката одозгора за да се развлече, а потоа се развлекува кора, прво со оклагија, а потоа може и прсто малку да ја тегнете, бидејќи тестото е еластично и лесно се работи.
Врз кората наросете масло и распоредете една четвртина од филот. Прво од левата страна преклопете 1/3 од кората кон средината, потоа на ист начин преклопете и од десната страна, потоа преклопете од горната страна кон средината и на крајот долниот дел кон нагоре, така што ќе добиете квадрат.
Од добиената квадратна форма се формира „писмо“, така што се спојуваат спротивните краеви кон средината. Истата постапка се повторува уште три пати, односно на крај се добиваат „4 писма“, а ако ја правевте со 27 топлиња – „9 табани“.
„Писмата“ редете ги во намастен плех. Вклучете да се загрева рерната на 200 степени, а питата оставете малку да стасува (10-тина минути). Одозгора премачкјате ја со масло, па ставете да се пече на 200 степени околу 30-40 минути или додека убаво да заруменат. Печената пита покријте ја со крпа додека малку да подизлади, а потоа послужете ја.