ПЛАЗМА ТОРТА ЗА 15 МИНУТИ – кремаста и сочна, повкусна е од сладолед. Рецепт на Драгана од каналот Направи Сама – Идеја за Креативци. Вкусна кремаста торта која се прави додека трепнете.

Ја правам секогаш кога ќе ми се појават ненајавени гости на врата или кога на децата им се јаде нешто благо. Многу е вкусна, а ја заменувам со сладолед бидејќи имаат слична текстура, а многу побогат вкус.




Потребни состојки: 500 мл слатка павлака, 400 г кисела павлака, 130 – 150 г шеќер во прав, 400 г мелени бисквити / плазма, 100 г рендан кокос, 400 г замрзнато црвено овошје (малини, јагоди, цреши…)




Постапка: Во поголем сад со миксер изматете ја слатката павлака, но не премногу цврсто. Во друг сад изматете ја киселата павлака заедно со шеќерот во прав, исто така не многу цврсто.

Слатката и киселата павлака се соединуваат и се промешуваат со рачна маталка, па потоа се додава 100 г кокос и се соединува во кремастата смеса. Кокосот дава егзотичен вкус, но доколку не го преферирате, слободно може да го изоставите, но потребно е да ја зголемите количината на мелените бисквити за 100 г.




Потоа во кремот додајте ги мелените бисквити (плазма) и соединете, па на крајот додајте го замрзнатото црвено овошје. Важно е да биде се уште замрзнато, а на овој начин малку е потешко да се измешаат во кремот.




Тортата се прелива во калап со флексибилен обрач (мојот е со дијаметар 26 цм) и добро се измазнува. Се става во фрижидер да отстои неколку часа, а потоа се вади обрачот и одозгора по желба се премачкува со шлаг или чоколаден прелив. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ: Плазма-Страчатела торта без печење, готова е за 15 минути, едноставна, кремаста, неодоливо вкусна. Фото и рецепт: Сузана Бајрам – Плазма Страчатела торта без печење. Рецептот за оваа многу вкусна а едноставна торта ни го претстави нашата драга членка Сузана Бајрам во групата НМД рецепти.




Ако ви е потребен колач кој сигурно ќе им се допадне на децата, а и на возрасните, тогаш овој е вистинскиот за вас: едноставен, кремаст, со плазма кекаси… сите го сакаат. Колачите со кекси и креми кои не се готват се многу практични, бидејќи можат да се приготват ден порано, па на тој начин си го кратите времето за некој важен настан или прослава.




Потребни состојки: 300 г плазма кекси, 500 мл слатка павлака, 500 г крем сирење, 100 г шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер, 100 г чоколадо и 200 мл чоколадно млеко. За декорација: 100 г бело чоколадо, 100 мл слатка павлака и 50 г мини чоколадна плазма или ситни чоколатца




Постапка: Слатката павлака изматете ја со постепено додавање на шеќер и ванилин шеќер. Додајте го крем сирењето и кратко изматете за да се соединат. Млечното чоколадо ситно исечкајте го, па додадете го и рачно промешајте го со лажица. Калап со димензии 30х10 цм обложете го со проѕирна фолија.




Плазма кексите натопувајте ги во чоколадното млеко (ладно) околу 15-20 секунди, не предолго. На дното од калапот ставете 2-3 лажици од филот и распоредете рамномерно. Преку кремот наредете плазма кекси, еден до друг, убаво да биде пополнето.




Преку кексите наредете половина од кремот, па наредете нов слој кекси, па преку нив остатокот од кремот. Убаво израмнете и завршете со уште еден ред кекси (вкупно три слоја кекси). Колачот оставете го во фрижидер добро да се олади и стегне, најмалку 6 часа.




За украсување: На умерен оган загрејте ја слатката павлака и белото чоколадо искршено на коцки, мешајте додека да се растопи, но внимавајте да не ви загори. Следниот ден колачот превретете го врз чинија за сервирање, отстранете ја фолијата и преку колачот прелијте го ганашот. Украсете по желба.

Фото и рецепт на Сузана Бајрам