Оваа торта секогаш ја вадам „од ракав“ кога немам многу време, а сепак сакам да ги засладам моите гости со нешто вкусно и убаво. Може да се приготвува во кој било период од годината и да користите сезонско или смрзнато овошје по желба.




Напролет обично ја приготвувам со јагоди, преку лето со смрзнати бобинки и различно сезонско овошје, на наесен и зимно време претежно користам банани. Може да се прави во буквално најразлични комбинации и секојпат ќе добиете нова торта со различен вкус од претходната. Брза, едноставна и вкусна, еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени кекси (плазма или бисквити по ваш вкус), 200 г растопен маргарин или путер, 3 супени лажици шеќер во прав, 5 супени лажици сок од портокал (или сок по ваш избор). ЗА ФИЛ: 400 мл слатка павлака, 250 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија, абц или некое друго), 3-4 лажици шеќер во прав (може и повеќе), 300 -350 јагоди или друго овошје.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 300 г мелена плазма (или сомелете бисквити по избор), додајте три супени лажици шеќер во прав и промешајте за да се распореди. Во микробранова печка или на многу тивок оган растопете 200 г путер, оставете малку да се подизлади, па додајте го во плазмата.




Измешајте ги состојките додека да се изедначат, а путерот убаво да се впие. Смесата е малку сува, па додајте пет супени лажици сок од портокал (може млеко или друг овошен сок), и мешајте додека да добиете смеса со конзистенција на влажен песок (наизглед сува, но кога ќе ја стиснете треба компактно да се обликува).




Добиената смеса истурете ја на дното од обложен калап со димензии 17х28 см, а може и тркалезен калап со флексибилен обрач. Натапкајте ја смесата со лажица или дното на некоја чаша за да се распореди рамномерно и насекаде да биде со еднаква дебелина. Оставете го настрана додека го приготвувате филот:




ЗА ФИЛ: Во подлабок сад истурете 400 мл слатка павлака и пенасто изматете ја со миксер додека да добиете густина на шлаг. Во посебен сад пенасто изматете 250 г крем сирење (по избор) со 3-4 супени лажици шеќер во прав.




Во крем сирењето започнете постепено да го додавате шлагот, на неколку наврати по 2-3 големи лажици. Кога целосно ќе ги соедините крем сирењето и слатката павлака, треба да добиете фин и мазен крем. Во него додајте го овошјето по желба (сечкано или цели плодови) и промешајте.




Смесата распоредете ја во калапот врз основата и израмнете ја површината. Одозгора наросете мелена плазма за декорација, а може кокос, рендано чоколадо, мелени ореви, лешници или нешто по ваш избор. Оставете ја неколку часа во фрижидер или замрзнувач, па послужете ја. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.