Фото и рецепт: Славка

Кифлички меки како душа, а со вкус на пица. овој рецепт настана пред 25 години кога мојата ќерка беше мала. Во тоа време имаше пекарници каде можеше да се купат само кифли, ѓевреци, переци и секако, бурек. Почнаа да се отвораат и пицерии.

Еднаш додека правев кифли со сирење, дојдов на идеја да ги филувам како пица. бев воодушевена со резултатот, а исто и ќерка ми и нејзините пријатели. од ова исто тесто правам и мини пици, само што тестото го развлекувам и вадам кругови со модла за крофни, па ги филувам.

Потребни состојки: 250 мл млеко, 1 лажичка брашно, 1 лажичка шеќер, 1 коцка свеж квасец, 1 јајце, 1 лажичка сол, 150 мл масло и 500 г брашно тип 400. За фил: 100 г кечап за пица, 150 г шунка по избор, 150 г кашкавал и 1 лажичка оригано или босилек. За премачкување: 1 жолчка со малку млеко, 125 г маргарин и малку сусам, ким, крупна морска сол.

Постапка: Во 250 мл млако млеко додадете лажичка шеќер, брашно и издробен квасец. Промешајте добро да се растворат и соединат состојките, па оставете 10-тина минути да се активира квасецот и да запени смесата.

На страна изматете едно јајце со лажичка сол и 150 мл масло. Во оваа смеса додадете го активираниот квасец со млекото, па постепено започнете да го додавате брашното. Измесете мазно тесто и оставете го на топло да стасува додека да ја удвои величината.

Потоа поделете го на два дела. Од секој дел развлечете што поголема кора, а потоа секоја исечете ја на 12 триаголници.

Филувајте ги со кечап, шунка, кашкавал и на крај наросете оригано. Виткајте ги кифличките и редете ги во плех претходно обложен со хартија за печење и оставете ги да стасуваат околу половина час.

Премачкајте ги кифличките со жолчка разматена со малку млеко и одозгора наросете со сусам, ким, крупна сол или нешто по ваш избор. На крај одозгора изрендајте 125 г маргарин. Ставете да се печат во загреана рерна на 220 степени додека да заруменат. Печените кифли се меки и следниот ден.