Многу вкусна, лесна и брза пита! Се користи шолја од 250 мл. Потребни состојки: 500 г кори за пита, 3 јајца, 1 шолја јогурт, 1 шолја масло (оставете малку по некоја лажица за премачкување на корите), 1 шолја пченкарно брашно, 1 прашок за печиво, 500 г ситно сирење, сол по потреба и сусам за наросување по желба

Постапка: Пченкарното брашно измешајте го со прашок за печиво. Јајцата, јогуртот и маслото исто така изматете ги. Измешајте го брашното со мешавината од јајца. Сирењето ако е несолено-посолете го по ваш вкус и оставете го настрана.

Избројте ги корите и поделете ги на 3 или 4 дела, за 3 или 4 ролати или повеќе, во секое купче најмалку по 3 кори да има. Јас добив 3х4 кори, а вие пребројте вкупно колку имате па одлучете по колку ќе ги делите.

Земете ја првата кора, премачкајте ја со масло, ставете ја втората кора, премачкајте со фил од јајца и брашно. Ставете трета кора, премачкајте со фил, исто и врз четвртата премачкајте со фил а потоа нанесете сирење (1/3 од количината. Свиткајте ги корите како ролат и ставете во тепсија обложена со хартија за печење.

Постапката повторете ја со преостанатите кори, но водете сметка да ви остане сирење рамномерно до крај.

Приготвените ролати исечете ги на парчиња. Одозгора премачкајте со масло. Ставете и сусам ако сакате, ленено семе, ким, семки од тиква или семки од сончоглед, црн сусам, црно семе, чиа семе или нешто по ваш избор. Многу е вкусно со сусам, ама да си знаете после дека при јадење лета на сите страни.

Ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени додека да зарумени, околу 30 минути. Ако забележите дека пребрзо зацрвенува, одозгора покријте ја со хартија. Кога е печена питата извадете ја од рерна, оставете 10-тина минути да излади, па послужете.