Кој го сака вкусот на пиперките, ќе ужива во овој рецепт. Може да се послужат како предјадење или прилог на главното јадење. Одличен вкус, секогаш ќе ви бараат повеќе…

Потребни состојки: 5 поголеми пиперки, 1 јајце, 100 г рендано сирење по избор, 2 лажици кисела павлака, 1 лажица гриз, сусам за наросување одозгора

Постапка: пиперките измијте ги убаво со ладна вода, избришете ги, па пресечете ги на половина. Внимателно исчистете ги од семчињата внимавајќи да останат како кајчиња.

Во подлабок сад изматете едно јајце со жица, па додајте 100 г рендано сирење, две лажици кисела павлака и една лажица гриз. Промешајте добро за да се изедначат состојките. Тавчето во кое ќе ги печите пиперките обложете го со хартија за печење.

Рамномерно распоредете ја смесата и полнете ги пиперките со по околу околу две лажици секое парче. Одозгора наросете сусам, па ставете да се печат во претходно загреана рерна на 220 степени околу 15 минути. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Пиперки со сирење по сосем поинаков рецепт – толку вкусно, да не знаеш за доста…Совршени.

Ако се прашувавте што вкусно да приготвите за ручек, овој рецепт е одлична идеја. Рецептот можеби е постар и од нас самите, но бидејќи е вкусен, сè уште се задржал на нашите трпези.

Потребни состојки: 3 големи пиперки, 200 г сирење, 50 г сланина, 1 јајце, 50 мл кајмак или кисела павлака, 1 лажица сусам, 1 лажица ленено семе, масло по потреба. Бидејќи веќе имам главно јадење, овојпат направив само три пиперки како предјадење, а вие ако сакате зголемете ги количините ако правите повеќе.

Постапка: Пиперките измијте ги убаво и исцедете ги. Исечете ги на половина и исчитете ги од семките. Сирењето во посебен сад издробете го и соединете го со едно јајце. Во смесата додајте еден мал филџан за кафе кајмак или кисела павлака, а по потреба посолете.

Зачинете со по една лажица сусам и лелено семе по вкус, а за да се збогати вкусот вмешајте и 50 г ситно сечкана сланина или некое друго сувомеснато по ваш избор (шунка, печеница…). Промешајте добро за да се изедначи смесата, па полнете ги пиперките.

Испрскајте со малку масло и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20-25-тина минути додека убаво да зарумени. Пиперките можете да ги сервирате како прилог на печено месо, но бидејќи се заситни може да ги послужите и како главно јадење.

III РЕЦЕПТ – Полнети пиперки со преубав фил: Овој рецепт злато вреди! Многу вкусно јадење, секогаш кога ќе го приготвам цело се изедува.

Потребни состојки: 1 кг мелено месо, 3 главици кромид, 3 домати, 2 китки магдонос, 1 супена лажица сув зачин (вегета), 1,5 шолја за кафе ориз, сол и црн пипер по вкус, 1 лажичка црвен мелен пипер, 100 г путер, 100 мл маслиново масло и пиперки за полнење, може црвени, зелени, бабури, сомборки, ајварки, по избор.

Постапка: Меленото месо пропржете го со путерот. Додајте ситно сечкан кромид, црвен мелен пипер, вегета, сол и црн пипер по вкус. Кога ќе испари вишокот сок од кромидот, додајте измиен ориз и ситно сечкан магдонос.

Промешајте убаво за да се изедначи смесата, па тргнете од оган. Во меѓувреме исчистете ги пиперките од семето и малку исечете го врвот, не целосно, сепак низ него да влегува водата при печењето, така се посочни.

Од доматите направете капи со кои ќе се затворат полнетите пиперки. Внатрешната страна од доматот ситно се сечка и се додава во филот. Внимателно се полнат пиперките со филот и се затвораат со парче домат. Се редат во тепсија. Се додава една чаша вода и маслиново масло.

Се покрива тепсијата со алуминиумска фолија. Може да се користи и огноотпорен сад за печење со капак. Ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени. Повремено проверувајте дали се готови пиперките, а пред крајот тргнете ја фолијата или капакот и оставете уште малку да се запечат.

Послужете ги топли со јогурт, таратур или друга салата. Полнетите пиперки може да се направат и еден ден порано, а погодни се и за замрзнување. Оставете ги сами да се одмрзнат или одмрзнете ги во микробранова печка. Зимно време ги правам од замрзнати пиперки кои претходно сум ги исчистила од семето и сум ги замрзнала.

Капите ги редам во тепсија, ги замрзнувам, а потоа ги вадам и ги чувам во кеса. Ги полнам додека се замрзнати пиперките и ги затворам со замрзнати капи.

Коментар на Ирена Илиевска-Голубовиќ: “Јас ги правам на друг начин и без ориз само со мелено месо и со пасиран домат:

1 главица ситно сецкан кромид го пропржувам потоа го додавам меленото месо и зачини по вкус магдонос, оригамно , вегета , црн бибер… Кога цела смеса ке се испржи додавам пола литар пастеризирано доматно пире и го оставам едно 15 на тивко да се крчка.

Потоа ги полнам пиперките со смесата и ако остани од филот го турам во тепсијата , настрана во еден подлабок сад ставам 3 лажици брашно и вода и убаво да се измеша и преливам преку пиперките и 1 чаша вода прекривам со фолија и се печат на 180 околу пола сат пред крај ја тргам фолијата и ги оставам уште 10 минути … на здравје ”