Рецепт: Катерина Наскова / Фото: Ерхана Таирова
Потребни состојки: 500 мл млеко, 9 супени лажици масло, 900-1000 г брашно, 1 супена лажица сол, 2 супени лажици шеќер, 2 коцки свеж квасец, 250 г путер или маргарин, 300 г ситно сирење и 1 јајце за премачкување
Постапка: квасецот растворете го млако млеко со една лажица шеќер и малку брашно, па откако ќе се активира, заедно со другите состојки замесете средно меко тесто кое не лепи на раце (брашното постепено додавајте го).
Тестото оставете го да одмори 20-тина минути, па поделете го на 6 делови.
Исто така и коцката путер поделете на 6 делови. Од секое топче развлечете кора, премачкајте ја рамномерно со путерот, на еден крај ставете ситно сирење и свиткајте како ролат.
Ролатот пресечете го на 5 делови. Постапката е иста и за преостантите делови тесто.
Наредете ги во плех обложен со хартија, одозгора премачкајте ги со јајце, наросете ги со сусам и после 20 минути стасување, ставете ги да се печат во загреана рерна околу 25-30 минути на 180 степени.
Наместо сирење можете да ставите кашкавал и шунка или нешто друго по ваш избор. Од нашите читатели дознавме дека ПИНЕРЛИИТЕ се всушност турски рецепт кој се одомаќинил во нашата кујна.
Коментар на Nermin Veli: “Peynirlii – TURSKİ ( SİRENJACİ)”, peynir значи сирење на турски јазик.”
Коментар на Лилјана Давкова: „Малку поразличните пинерлии…запишани ми се како пинерлиите од Мигноне, затоа што ги правам токму по нејзиниот рецепт. Она сиренцето од одозгора ми е мераци.
Проследи го рецептот:
За тестото:
1 кг меко брашно.
40 г свеж квасец,
2 лажички сол,
околу 500 мл млако млеко.
За потопување:
2-3 лажици маст или маргарин.
За филување: 1 јајце и по желба ситно сирење, урда или свежо сирење.
ПОСТАПКА:
Од сите наведени состојки замесете средно меко тесто, покријте го и оставете го да стасува околу 15-20 минути.
Потоа размесете го и развлечете го во правоаголна кора со дебелина од 1 см. Сечете квадрати, секој филувајте го со измешано сирење и јајце, свиткајте во ролничка, па секоја потопувајте ја во растопена маст. Редете во подлабок плех.
Во филот што ќе ви преостане додајте неколку лажици млеко и прелијте го врз пинерлиите. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 250 степени, па намалете на 220 и печете додека да заруменат.”
Рецепт: Катерина Наскова
Фото: Ерхана Таирова