Рецепт и видео презентација – Ема Спасиќ од Кујната на Ема: Пењурлија пита

Вака ја прави мајка ми и сите ја обожаваат…Мека и вкусна, ќе ве врати во детството, во некое убаво и безгрижно време.

Ако сте носталгични како мене, доволно е да ја приготвите оваа пита и со мислите да се телепортирате на вашето омилено место и време…

Јас на пример сум во село, на зимски распуст, во шпоретот попукнува оган, а ние премрзнати од санкање во снегот, се грееме покрај шпоретот и чекаме да се испече оваа пита…

Потребни состојки:

30 г квасец
300 мл млака вода
1 лажица шеќер
2 лажици брашно
1 лажичка сол
550-600 г брашно Т400
400-500 г сирење (домашно, кравјо)
2 јајца
2 лажици маст
30 мл јогурт

Постапка:

Во подлабок сад издробете го свежиот квасец и растворете го во 300 мл млака вода. Додадете две лажици брашно и една лажица шеќер, па промешајте убаво да нема грутчиња. Оставете на топло 10-тина минути да се активира квасецот и да запени.

Потоа додадете сол, па со постепено додавање на брашното замесете го тестото. Најпрво мешајте со лажица, а на крај замесете го тестото со рака. Намстете го, покријте го и оставете го да стасува 35-40 минути додека да се удвои.

Потоа истресете го на набрашнета површина, формирајте го во топка и поделете го на два дела. Секој дел развлечете го во кора и преку цела површина премачкајте ја кората со растопена маст. Сирењето издробете го виљушка и помешајте го со едно јајце.

Преку кората рамномерно нанесете половина од сирењето, па свиткајте ја во ролат. Во тепсијата каде ќе се пече растопете лажица маст да се намасти целото дно. Ролатот сечете го на парчиња и редете ги во тепсијата. Постапката повторете ја и со вториот дел од тестото.

Едно јајце разматете со 20-30 мл јогурт. Со оваа смеса премачкајте ја питата одозгора и оставете ја да стаса. Потоа ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 35 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: