Рецепт и фото – Милена Ѓурѓевиќ – крофни

Речиси да нема човек кој не ги сака топлите крофни кои се меки како душа.

Потребни состојки:

300 мл млако млеко
½ коцка свеж квасец
5 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
1 прстофат сол
50 мл масло или растопен путер
1 лимон – рендана кора
2 јајца
700-800 г меко брашно +-

Постапка:

Квасецот издробете го во млако млеко, додадете шеќер и неколку лажици брашно, па промешајте убаво да се растопи и да нема грутчиња. Оставете го на топло 10-тина минути да запени и да се активира.

Потоа додадете ги двете јајца, маслото и со постепено додавање на брашното замесете убаво мазно тесто. Намастете го и оставете го покриено на топло место да стасува додека да се удвои.

Совет: во тестото може да додадете и 1-2 лажици рум за помалку да впиваат масло во текот на пржењето.

Повторно премесете го и уште еднаш оставете го да стасува покриено. Третиот пат развлечете го во кора со дебелина од еден прст, па со чаша вадете ги крофните и оставајте ги врз набрашнета крпа. Покријте ги и оставете ги да стасуваат 20-тина минути додека стасаат и пораснат.

Потоа пржете ги во длабоко масло по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат. Вадете ги врз чинија за сервирање и откако ќе подизладат наросете ги со шеќер во прав или прелијте ги со крем/чоколадна глазура.

Рецепт и фото – Милена Ѓурѓевиќ