Овие денови од цел свет доаѓаат фотографии од медицинскиот персонал, доктори, сестри, болничари… кои со надчовечки напори се борат да ја совладаат епидемијата од корона вирусот, а меѓу нив се и српските лекари и медицински сестри.

Особено лоша е состојбата во Ниш каде меѓу заразените има лекари и медицински сестри, од кои една е хоспитализирана.

Поради тоа, според зборовите на епидемиологот Бранислав Тидоровиќ, две клиники биле практично затворени.

Поддршка на своите колеги и сограѓани во овие тешки моменти даваат д-р Милена Стојановиќ, виши медицински техничар Никола Трајковиќ, како и проф. д-р Радмило Јанковиќ, директор на Клиниката за анестезиологија.

За нивните напори најдобро сведочи фотографијата од нивните лица кога ќе ги тргнат заштитните маски, налик на оние од Кина или Италија.

-Се бодриме едни со други, но и нашите од Ниш кои треба да знаат дека се во сигурни раце. Никому не му е лесно и само заедно можеме да се избориме. Лекарите така што ќе се грижат за заразените, а сите останати така што ќе седат дома и ќе ги почитуваат правилата.

Само на овој начин на крајот сите ќе бидеме победници – порачува директорот Јанковиќ.

Ниш инаку, се подготвува за поголем бран на заразени во болниците, па од тие причини зградата на старата Хирургија е подготвена да прими дополнителен број на пациенти со потешка клиничка слика.