На интернет може да се пронајдат секакви рецепти за торти, колачи, печива, брзи јадења итн. Во последно време, сите зборуваат за оваа торта која има многу кремаст вкус. Рецептот е убаво и детално објаснет, а го претстави Ана од каналот „Вкусна минута.“

Тортата не одзема многу време, ниту труд, затоа се нарекува и „мрзлива торта.“ Сѐ што треба да направите е да ги измешате состојките за пандишпанот, а потоа да ги подготвите двата кремови. Едниот крем е чоколаден, а другиот бел, па кога ќе се излеат преку тортата, даваат прекрасен декоративен изглед на зебра торта.

Тортата е многу вкусна и може да се послужи на секој вид прослава или кога ви доаѓаат гости. При пресек на секое парче, изгледа многу декоративно и секојпат сите се воодушевуваат колку професионално изгледа. Вака подготвената торта нема потреба од дополнителна декорација. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПАНДИШПАНОТ: 110 г брашно, 20 г какао, 5 г прашок за печиво, 2 јајца, прстофат сол, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 80 г шеќер, 50 мл млеко, 50 мл масло. Големината на калапот е 21х21 см.

ЗА КРЕМОТ: 35 г инстант желатин, 150 мл вода, 1000 г цврст јогурт, 200 г шеќер, 500 мл ладен крем-неутрален (33-35%), 20 г ванилин шеќер, 50 г какао, 100 мл врела вода.

ПОСТАПКА ЗА ПАНДИШПАНОТ: Во еден подлабок сад просејте ги брашното и какаото. Малку промешајте, па додајте го прашокот за печиво. Во друг сад соединете ги течните состојки. Скршете ги јајцата, измешајте ги додека да запенат, па додајте прстофат сол, 1 кесичка ванилин шеќер и 80 г кристал шеќер.

Измешајте енергично, додека шеќерот да се растопи, па излејте 50 мл масло и исто толку млеко, кое треба да биде млако. Соединете ја смесата. Нежно префрлете ја смесата со суви состојки во течните и соединете во хомогена смеса без грутчиња. Вака подготвената смеса излејте ја во калап обложен со хартија за печење и рамномерно распоредете ја.

Печете во претходно загреана рерна на 170 степени, 20 минути. По печењето, оставете го пандишпанот да се олади, па потоа пресечете го горниот испакнат дел кој е потребно да го сомелите. Целосната кора оставете ја во калапот сосе обрачот. Во меѓувреме подгответе го кремот.

ЗА КРЕМОТ: Желатинот растопете го во 150 мл топла вода и оставете го 5 минути. Во еден подлабок сад изматете го цврстиот јогурт со шеќерот, а во друг сад изматете го неутралниот крем со ванилиниот шеќер. Соединете ги двете смеси, кои треба да имаат конзистентност на поцврст крем.

Растопете го желатинот доколку се зацврстил, па во него додајте 1-2 лажици од измиксаниот крем за да се изедначи температурата. Измешајте, па прелијте го во кремот и повторно соединете. Поделете го кремот на два дела. Настрана измешајте го какаото со водата, па додајте во едната половина од кремот.

Измиксајте додека сѐ да се соедини, па започнете со филување. Врз кората во плехот сипајте по 1 мала шолја од белиот, па од темниот крем и така наизменично додека да ги потрошите двете смеси. Секоја од смесите сипете ја на средина од претходната, па на крајот повлечете неколку линии со дрвена чепкалка за да се добие декоративен изглед.

Ставете ја тортата во фрижидер 3-5 часа, па потоа декорирајте ја со претходно сомелениот бисквит. Потоа, може да ја послужите. Совет: Тортата може да се подготвува и во кружен калап. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.