Сладоледот е вистионскиот избор кога сакате да се освежите со нешто вкусно и кремасто. Ако пак, го сакате сникерсот, популарното чоколатце со кикирики, тогаш овој рецепт сигурно ќе ве воодушеви. Ви предлагаме да го испробате сникерс сладоледот кој совршено ќе ве разлади, но и ќе ве заслади.

Комбинацијата од чоколадо, бисквити и кикирки (во овој рецепт ги заменивме со бадеми), како и фил со вкус на кафе е просто неодолива и мами да ја пробате, а домашните сладоледи секогаш се повкусни од купечките и знаете од кои состојки сте ги направиле. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 160 тостирани кикирики или бадеми, 100 г бисквити, 250 мл слатка павлака, 60 г кондензирано млеко, 50 г врела вода, 1 лажица инстант или нескафе, 300 г млечно чоколадо, 100 мл млеко или слатка павлака и 1/2 лажица кафе кое се раствора (капучино, нес и сл. по вкус)

ПОСТАПКА: ситно исечкајте ги кикириките (или бадемите) и ставете ги во посебен сад. Во друг сад ставете ситно исечкани бисквити (може и со раце да ги изроните). Во длабок сад за матење сипете ја слатката павлака и изматете ја со миксер додека да згусне.

Потоа додајте го кондензираното млеко и продолжете со матење за да се соедини. Во помал сад или чаша сипете врела вода и во неа растворете го кафето. Сипете го во изматениот шлаг и полека со лажица или кујнска шпатула промешајте додека да се соедини и изедначи.

Филот оставете го накратко во фрижидер додека ги подготвувате останатите работи. Длабок калап за ролати или леб (или по ваш избор, може да биде и некоја чиста пластична кутија од сладолед), обложете го добро со проѕирна фолија за да можете подоцна да го извадите сладоледот како торта, во едно парче.

Чоколадото (300 г) ситно исечкајте го и прелите го со врело млеко или со загреана слатка павлака, па мешајте додека да се растопи и целосно соедини. По вкус може да додадете и малку растворливо кафе од кесичка (3 во 1; капучино, нес и сл.).

РЕДЕЊЕ: Во калапот распоредете четвртина од филот, израмнете, па наросете третина бисквити и кикирки или бадеми, па прелијте со третина од чоколадната глазура. Израмнете, па повторете ја постапката: фил, бисквити, кикирики (бадеми), чоколадна глазура.

Потоа распоредете фил, посипете со бисквити и кикирики (бадеми), па повторно сипете го преостанатиот фил, последната четвртина. Една третина чоколадна глазура сочувајте за подоцна за декорација (ако се стврдне загрејте ја на пареа или во микробранова печка).

Вака подготвената сладолед-торта завиткајте ја со проѕирна фолија или кеса, па ставете ја во замрзнувач да се стегне најмалку шест часа. Потоа извадете ја, превртете ја врз десертна чинија и отстранете ја фолијата, па прелијте ја со остатокот од чоколадната глазура и наросете малку сечкани кикирики (бадеми). Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.