Ова е најлесниот рецепт за правење домашна погача која е многу вкусна и мека како памук. Ја нарекуваат уште и „лепиња”, „етно погача”, „селска погача” или „кафеанска погача“. Пробајте, направете ја и вие, ќе бидете презадоволни од резултатот.

Навистина постапката е многу едноставна и секој може да ја направи. Рецептот е одличен и многу лесен, па откако еднаш ќе ја пробате, сигурно ќе продолжите често да ја правите, затоа што несомнено, домашните ќе ви ја бараат.




Постојат неколку клучни моменти во приготвувањето и треба да се држите до нив ако сакате погачата да ви биде вака успешна и мека како памук, а тоа е солта да не ја додавате заедно со квасецот, туку отпосле, и тестото мора да го оставите трипати да одмори, еднаш половина час и уште двапати по 15 минути. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млака вода, 12 г свеж квасец (околу третина или четвртина од коцката), половина лажичка шеќер, 380 г брашно тип 400, половина лажичка сол и малку масло. Ако немате свеж квасец ставете 1 кесичка сув.




ПОСТАПКА: Во еден длабок сад ставете 200 мл млака вода и изронете 12 г свеж квасец (ако немате свеж, ставете сув квасец). Додајте половина супена лажица шеќер и промешајте за да се растопат шеќерот и квасецот и да нема грутчиња.




Во мешавината постепено додајте 380 г брашно, па повторно промешајте додека брашното да ја впие течноста и да се добие изедначена, малку леплива смеса. Кога тестото ќе стане густо, месењето продолжете го рачно.

Треба да се меси 8-10 минути за од него да се ослободи глутенот и да стане еластично. Тестото е малку меко и лепливо, но не грижете се, такво треба да биде, за подоцна да биде воздушесто. Пред крајот додајте половина лажица сол.




Солта можете да ја додадете и заедно со брашното, но и вака откако ќе го замесите брашното, бидејќи на тој начин ќе спречите да се стопира квасецот во неговата активација. Понекогаш тестото не е ycпешно токму поради оваа гpeшка.




Измесеното тесто истресете го на набрашнета работна површина, па месете го утше малку колку да се формира топка. Вратете го во чист сад, покријте го со памучна крпа или проѕирна фолија (кеса) и оставете го на топло место да стасува околу половина час додека да го удвои волуменот.




По изминатото време малку премесете го, без многу да го гмeчите, само нежно поминете го малку со прстите. Покријте го по вторпат со крпа или најдобро со проѕирна фолија и оставете да се одмори уште 15 минути. По изминатото време, тестото уште малку ќе нарасне и сè уште ќе биде меко и малку лепливо, но не премногу. Наросете го со прстофат брашно.




Со прстите внимателно одвојте го од ѕидот на садот во кој стасуваше, па целата топка подигнете ја во дланката и спуштете ја во тепсијата во која ќе се пече. Тепсијата претходно треба да ја обложите со хартија за печење и да ја наросите со прстофат брашно.

Со прстите и дланките малку развлечете ја и формирајте ја погачата, но не притискајте премногу силно. Таа и натаму треба да биде мека. Одозгора премачкајте ја со малку масло со помош на четка преку целата површина, а ова на кората ќе и даде убава боја и крцкавост.




Покријте ја погачата со проѕирна фолија и оставете ја да стасува уште 15 минути. Потоа преку површината засечете тенки паралелни линии, на квадрати. Ставете ја да се пече во добро загреана рерна на 220 степени, 18 минути.

Ова беше потребното време за да се испече нашата погача, а вие следете го печењето и прилагодете го според вашиот шпорет, додека убаво да зарумени одозгора. Кога е печема извадете ја на решетка и испрскајте ја со малку вода (најдобро е да се испрска со распрскувач, а ако немате, тогаш со рака, со ситни капки). Покријте ја со памучна крпа.




Вака нека отстои 15 минути додека да омекне од сопствената топлина и водената пареа. Потоа погачата е спремна да се послужи. Можете да ја кршите со раце. Сите детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.