Понекогаш кога не знаете што да подготвите за појадок, ручек или вечера, сетете се на овој брз рецепт. На изглед, но и на вкус потсетува на пица, иако во рецептот не се користи брашно, ниту се замесува тесто. Овој оброк ме чинеше евтино, а дома сите добро се најадовме. Од малку состојки направете големо јадење.

Основата се подготвува од компир и уште неколку состојки кои се излеваат во тепсија, а потоа се наросува со кашкавал и со сувомеснато. Јас најчесто одозгора ставам кулен бидејќи дома го сакаме пикантниот вкус, но може да ставите шунка, врат, чајна или нешто по ваш избор. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 компири, 3 јајца, 2 лажици масло, 1 лажичка сол, црн пипер, црвена мелена пиперка, ким, сушена мајчина душица, 1 лажичка путер за премачкување, 250 г чедар кашкавал или некој друг кашкавал по ваш избор, 250 г кулен.

ПОСТАПКА: Оваа количина е наменета за еден плех со стандардна големина. Плехот треба да има повисоки страни бидејќи смесата е висока како пита. Измијте ги компирите под млаз вода и исушете ги, па излупете ги. Изрендајте ги на крупната страна од рендето, па складирајте ги во подлабок сад.

Пред да ги ставите во садот, малку процедете ги со раце. Во секој случај компирите ќе пуштат уште малку од сокот додека се во садот, но оваа мала количина не треба да ја процедувате. Во компирите додајте ги трите јајца и со рака измесете ја смесата додека да се соедини. Потоа, додајте 2 лажици масло и повторно соединете.

Зачинете ја смесата по вкус. Јас зачинив со 1 лажичка сол, 1/2 лажичка црн пипер, 1 лажичка црвена мелена пиперка и половина лажичка ким и сушена мајчина душица. Измешајте добро додека да се формира хомогена смеса и зачините да се распоредат.

Подгответе си го плехот или огноотпорниот сад за печење. Исечете една коцка путер и почекајте малку да омекне. Обилно намастете го садот на дното и од страните, за смесата да не се прилепи во текот на печењето. Кога ќе го намастите плехот, веднаш излејте ја смесата и натапкајте ја така што ќе биде стегната и израмнета по плехот.

Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени, па печете ја смесата од 20-25 минути. Во меѓувреме изрендајте 250 г кашкавал, па по печењето извадете го плехот од рерна и покријте ја смесата со ренданиот кашкавал. Исто така, исечете го куленот или некое друго сувомеснато на подебели кругови и наредете врз кашкавалот.

Температурата на рерната намалете ја на 180 степени, па допечете уште 15-20 минути додека кашкавалот да се растопи и да добие фина коричка. Ова е еден од највкусните и најлесните оброци кои може да ги подготвите во било кое време. Доколку немате ручек за денес, испробајте го овој рецепт. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.