I РЕЦЕПТ – Специјалитет со мелено месо и пире од компир – превкусно е! Ова јадење се приготвува брзо, а сите го сакаат. Може да се приготвува од мешано мелено месо или какво вие сакате, дури и од мелено пилешко или мисиркино месо. Зачинете го по вкус или користете готова мешавина.

Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 јајце, средина од парче леб или презла, малку млеко, 1 мала главица кромид, зачини, сол, црн пипер, вегета.. За пире: 4 компири, 1 лажица млеко, малку путер, по вкус сол, 1 јајце. И уште ќе ви биде потребно малку путер или маргарин за премачкување на плехот, доматно пире за прелевање на ќофтињата

Постапка: Загрејте ја рерната на 180 степени. Соединете го меленото месо со презлата (потопена во млеко) или лебот, ситно сечканиот кромид, јајце и зачини по вкус. Може да додадете мелен кромид, малку рендано или ситно сечкано лукче, ситно сечкан магдонос или по ваш вкус.

Добро измешајте ја смесата за да се соединат состојките и месете со рака додека да се појават “конци”, па оставете некое време да отседи во фрижидер. Потоа црпете од смесете и со помош на дланките формирајте топки, а потоа обликувајте ги ќофтиња со вдлабнување со помош на лажица или прсти.

Вака приготвените “гнезда” од месо редете ги во огноотпорен сад или плех, претходно намастен со путер или маргарин, а најдобро обложен со хартија за печење. Ставете ги во загреана рерна на 180-200 степени и печете ги околу 25 минути додека малку да заруменат.

Печените ќофтиња извадете ги од рерната и оставете ги малку да изладат. Компирот излупете го и исечете го, прелијте со вода и сварете го. Варениот компир испасирајте го, додадете млеко, путер, јајце и сол по вкус, вообичаено како кога приготвувате компирово пире.

Добиеното пире ставете го во шприц или едноставно со лажица полнете ги вдлабнатините. Доматното пире (количината зависи од величината на плехот кој ќе го користите) разредете го со малку вода, прелијте ги ќофтињата, па вратете на допекување во рерна уште 25 минути.

II РЕЦЕПТ – Гнезда од мелено месо, најубавото јадење што сум го направила во последно време! Ова беше еден мал експеримент кој на сечие задоволство ми успеа и сите уживавме во ова јадење.

Потребни состојки: 700 г компир, 50 г путер, по потреба млеко, 2 жолчки. За фил: 250 г мелено месо, 250 г печурки, 2 големи црвени домати, 1 главица кромид, масло за пржење, 1 лажица сечкан магдонос, 50 мл бело вино и 50 г рендан кашкавал

Постапка: Компирите излупете ги и исечете ги на коцки, па сварете ги во солена вода. Исцедете, додадете путер и млеко, па направете цврсто, густо пире. Кога пирето малку ќе излади додадете ги жолчките и добро промешајте.

На масло пропржете го сечканиот кромид па додадете мелено месо, а потоа и печурките. Кога течноста од печурките малку ќе испари додадете излупени и на коцки исечкани домати. Зачинете со сол, сув зачин, црн пипер и продолжете со динстање.

Пред крај на готвењето залијте вино и додадете сечкан магдонос. Во намастен плех обликувајте гнезда од пире. Со лажица формирајте вдлабнатина во средината која ќе ја исполнувате со филот од мелено месо. Одозгора наросете рендан кашкавал. Печете во рерна на температура од 180 степени 15 до 20 минути.

III РЕЦЕПТ – ПТИЧЈЕ ГНЕЗДО со мелено месо и јајца, запечено со рендан кашкавал / Фотографија и рецепт на Вера Богдановска. Потребни состојки за 4 гнезда: 500 г мелено месо, 1 главица кромид, сол, црн пипер, сув зачин и други зачини по вкус, малку презла или сув леб, масло за намастување на калапите.

Постапка: Се ренда еден кромид и се додава во 500 г мелено месо. Се зачинува по вкус и се додава малку презла, па се замесува со рака, доволно долго додека смесата да стане компактна. Месото поделете го на колку делови сакате, јас го поделив на четири.

Во длабока чинија се става фолија намастена со малку масло, на овој начин ќе послужи како калап за формирање на гнездото. Потоа се става во неа смесата од мелено месо и се формира вдлабнатина. Се крши едно јајце во вдлабнатината а одозгора се ренда биено сирење или кашкавал.

Се става да се пече во загреана рерна на 180-200 степени и печењето прилагодете го според вашата рерна. Кога се печени, печените гнезда се вадат од фолијата и се послужуваат со грашок како гарнир (или мешан зеленчук, пире или било што по ваш вкус). / Фотографија и рецепт на Вера Богдановска

IV РЕЦЕПТ – Пилешки гнезда полнети со кашкавал – брз ручек со совршен вкус. Еве еден брз ручек кој сите ќе ве воодушеви со вкусот. Комбинацијата на состојките ќе ве воодушеви, па често ќе го правите ова јадење.

Сомелете бело пилешко месо, количината ќе зависи од тоа колку гнезда ќе сакате да направите. Исечкајте половина главица кромид, па и неа сомелете ја, додадете презла и зачинете по вкус. Добро измесете го месото со сите зачини додека да добиете компактна смеса.

Со раце формирајте топки , па со помош на прстите направете вдлабните за да добиете гнезда и филувајте ги со вкусниот фил кој ќе се растопи преку пилешкото и ќе му даде уште поубав вкус.

Филот ќе го направете така што ќе изрендате кашкавал, ќе додадете едно јајце и лажица павлака. Печете ги во рерна полнетите пилешки гнезда на 200 степени, околу 40-тинаминути. Сите детали од постапката за приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.