Пуфничките и ружичките кои обично се наоѓаат на зимските капи, шалови и ракавици, можете да ги искористите и со нив да ги украсите подароците или да ви послужат како декорација на трпезата.

Она што е најдобро, е дека се приготвуваат многу лесно и едноставно, а резултатот е перфектен и никој нема да ви верува дека сами сте ги направиле. Особено, кога ќе им кажете дека сте ги направиле единствено со помош на виљушка.

Можете да ги правите во разни бои и да ги сошивате на подароците или како декорација на вашите капи, шалови или фустани. Многу се декоративни и убави. За да ги приготвите ќе ви биде потребна волница, виљушка, игла и конец со истата боја на волницата од која ќе ги правите ружичките.

Постапката е навистина едноставна: конецот од волницата треба да се протнува цик-цак преку запците започнувајќи од коренот. Повторувајте ја постапката цик-цак од лево кон десно, а повремено ако е разлабави редот, подбутнете го со прстите кон коренот.

Кога ќе стигнете до врвот на запците и ќе ја спелете целата виљушка, тогаш земете една игла на која го имате вденато конецот од волницата и протнете го од коренот на забецот до другиот крај, па протнете го конецот.

Потоа протнете го во забецот до него и сторете го истото, како и претходно. А потоа повторете ја постапката со третиот забец и четвртиот. Извадете ја плетената структура од виљушката и протнете го конецот преку едниот крај и соберете го.

На тој начин ќе го добиете коренот на ливчето. Сошијте го добро и фиксирајте го со помош на иглата. Изработете осум вакви ливчиња. Земете едно и свиткајте го за да биде во центарот на ружата, па околу него започнете да ги пришивате и останатите ливчиња.

Користете игла и конец со иста боја како и волницата. На крај резултатот ќе ве восхити. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ и ОВДЕ (втор начин).