Рецепт и видео презентација на Мои Домашни Рецепти – Шеќерпаре без јајца со сусам. Вкусни мали шербетни колачи во вид на ружички кои се топат во уста. Ќе ве воодушеват и со вкусот и со изгледот. одлични се за секоја пригода.

Потребни состојки: 250 г путер или маргарин, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 100 мл млеко, 100 мл масло, 100 г сусам, 600 г брашно, 10 г прашок за печиво (1 кесичка). шеќерпарето го приготвував во тепсија со димензии 36 см, а се печеше 40 минути на 200 степени.

За да го приготвите шербетот ќе ви бидат потребни следните состојки: (800 г шеќер и 700 мл вода, а сирупот се вари не подолго од 5 минути. По желба можете да додадете ванилин шеќер или лимон исечен на тркалца, но шеќерпарето е совршено и без додатоци.

Постапка: Една коцка путер од 250 г оставете ја да омекне на собна температура, па ставете ја во подлабок сад и додадете една кесичка ванилин шеќер, 100 мл млеко, 100 мл масло, 100 г сусам и 600 г брашно просеано низ сито. на крај додадете и една кесичка прашок за печиво.

Сите состојки замесете ги со рака додека да добиете убаво компактно и изедначено тесто кое е меко, но лесно се формира. вака замесеното тесто истресете го врз набрашнета работна површина и убаво доработете го. Потоа поделете го на два еднакви делови.

Од едниот дел формирајте топка, малку сплескајте ја со дланките и потоа развлечете кора со помош на оклагија. Тестото лесно се обликува па со помош на рацете помогнете си за да обликувате тенка кора со правоаголна форма.

Потоа со помош на ребресто ноже исечете ленти со широчина од 2-2,5 см или прст и половина широки. Започнувајќи од едниот крај, секоја лента внимателно завиткајте ја во вид на полжав. Виткајте полека и внимателно за да ви остане основата рамна и да добиете форма на ружичка.

Постапката повторете ја со сите лентички, а потоа истото направете го и со второто тесто. Откако ќе ги направите ружичките наредете ги во тепсија за печење со димензија од 36 см, претходно намастена со масло за готвење. Редете ги на мало растојание една од друга.

Ставете ги во загреана рерна на 200 степени да се печат околу 40 минути, додека малку да заруменат. За тоа време пригответе го шербетот. Ставете на оган во тенџере 800 г шеќер и прелијте го со 700 мл врела вода.

Мешајте постојано додека шеќерот целосно да се растопи, а откако ќе зоврие оставете да се вари 5 минути. Печените ружички оставете ги на решетка да се оладат 10-тина минути. После 10 минути со помош на кутлача рамномерно преливајте ги со врелиот шербет.

Откако ќе го прелиете сиот шербет, оставете ги ружичките да го впијат и постепено да се оладат до собна температура, околу два часа. После ова време можете да го послужите шеќерпарето. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.