Едноставен, а одличен вкус. Кокос колачот е оремногу вкусен и сочен. Приготвувањето е едноставно, а состојките се евтини и достапни.

Потребни состојки: 3 јајца, 12 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 2 лажици какао, 3 лажици кокос, 12 лажици брашно и 1 прашок за печиво. За прелив: 500 мл млеко, 3 лажици шеќер (+3 лажици ако сакате уште послатко), и уште:

2 лажици какао, 100 г путер или маргарин, 100 г кокос (од овие одвојте 3 лажици за бисквитот и 2-3 лажици за наросување одозгора). Колачот се пече во плех со димензии 30х20 см, а се пече 25-30 минути на 180 степени.

Постапка: Во еден подлабок сад ставете 3 јајца, 1 кесичка ванилин шеќер и 12 лажици шеќер. Изматете со миксер додека смесата да побели и згусне, а шеќерот да се растопи.

Додадете 12 лажици масло и 12 лажици млеко. Промешајте со шпатула или лажица. Во смесата додадете 3 супени лажици кокос (одвоени од оние 100 г) и 2 лажици какао. Промешајте да се изедначи.

Додадете и просеани 12 лажици брашно и 1 кесичка прашок за печиво. Соединете убаво да нема грутчиња. За да се збогати уште повеќе, во колачот може да се додаде и 1 рака сечкани ореви.

Добиената смеса излејте ја во плех 30х20 см претходно намастен и набрашнет. Израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути.

За прелив: во еден сад ставете 500 мл млеко, 3 лажици шеќер (или 6 ако сакате послатко), 2 лажици какао, 100 г путер или маргарин и остатокот од кокосот (- 3 лажици кои ги ставивме во тестото и уште 2-3 за наросување одозгора).

Варете на умерен оган. Откако ќе зоврие варете уште 1-2 минути со постојано мешање додека состојките да се растопат и соединат.

Проверете со чепкалка дали бисквитот е печен. Додека е врел прелијте го со врелиот сируп. Протресете го малку за подобро да се распореди. Кога малку ќе го впие преливот, израмнете одозгора и оставете да се лади најмалку 5-6 часа.

Изладениот колач наросете го одозгора со 2-3 лажици кокос (кои претходно ги одвоивте од оние 100 г). Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: