Ова е колач барем од моето детство, а се надевам и од вашето. Многу едноставно се приготвува, а со својот вкус освежува и освојува.

Потребни состојки: 600 мл јогурт, 2 ванилин шеќер, 2-3 лажици кристален шеќер (околу 50 г), 600 г петит кекси, 5 крем бананчиња, 200-250 г смрзнато овошје (малини, вишни, јагоди…), 100 г чоколадо за готвење, 100 мл слатка павлака. наместо глазура колачот може да го премачкате и со шлаг (околу 80-100 г). Колачот се пече во калап бр.22

Постапка: Во еден подлабок сад ставете 600 мл јогурт, 2-3 лажици шеќер (околу 50 г), 2 кесички ванилин шеќер и промешајте за да се соедини.

Сите 600 г бисквити искршете ги ситно и додадете ги во јогуртот. Промешајте и оставете на страна да го впијат.

За тоа време исечкајте ги ситно крем бананите и додадете ги во смесата. Додадете и 200-250 г смрзнато овошје по ваша желба (во видеото малини и вишни).

Промешајте убаво со шпатула или лажица за да се изедначи смесата. Дното од калапот бр.22 наросете го со една лажица мелени бисквити, па започнете слој по слој да ја додавате смесата. Убаво израмнете.

Глазура: 100 г чоколадо и 100 мл слатка павлака растопете на пареа или на тивок оган, но внимавајте, не смее да проврие. Прелијте го колачот.

Одозгора можете да нанесете и само изматен шлаг од слатка павлака. Пред послужување добро изладете го колачот. Деталите можете да ги погледнете во видеото: